NBA колумна на Димитар Младеновски-Незапирливиот Ти-Мек (ВИДЕО)

909

За мене, Трејси МекГрејди е најтешкиот кошаркар кој сум морал да го чувам. – Коби Брајант.

Трејси Ламар МекГрејди. Роден на 24 Мај 1970 година во малиот Бартоу, Флорида. Уште како средношколец на дело го покажа астрономски високиот потенцијал станувајќи ѕвезда како кошаркар и бејзбол играч. Во академијата “Маунт Зион Кришчан” МекГрејди ги доби сите почести и ги освои сите награди кој можеа да бидат освоени.

Како релативно непознат играч, се појавува во “Еј-Би-Си-Ди” кампот организиран од Адидас и ги воодушевува буквално сите. За кратко време станува број 1 рекрут односно, се смета за најголемиот колеџ потенцијал во С.А.Д.
Кога беше на чекор до пристигнување на еминентниот универзитет Кентаки, доаѓа до пресврт. Неговиот агент добива информација дека NBA тимовите се заинтересирани да го видат неговиот клиент во својот состав со штотуку наполнети 18 години. Решава да го прескокне колеџот и да влета во најсилната лига во светот.

Торонто Репторс (1997-2000)

Драфтуван директно од средношколските клупи како (висок) девети пик од страна на Торонто Репторс, на драфтот 1997 година. Во првата сезона имаше лимитирана минутажа. Тимот го водеше Дарел Вокер кој немаше верба во тинејџерот на кој му предвидуваа блескава иднина. Во просек настапуваше само 13 минути по меч. Веќе во втората година дојде до сериозни промени. Торонто доби нов тренер (Бач Картер) а во тимот пристигна неговиот братучед, Винс Картер.

МекГрејди од ден на ден ја подобруваше својата игра а неговата улога во тимот исто така растеше. Со Картер беа неразделни а тимот во кој пристигнаа искусни ветерани (Чарл Оукли, Кевин Вилис, Ди Браун итн.) почна да покажува сериозен напредок. Торонто за прв пат (во својата кратка историја) се пласира во доигрувањето и со големи амбиции го чекаше новото првенство. “Ти-Мек” веќе беше стандарден во ротацијата и важеше за едно од најперспективните млади играч во лигата.

Кога се очекуваше управат на “рептилите” да го “одврзе ќесето” и да ја осигура својата бековска линија, дојде до сурова реалност. Торонто одби да му понуди нов богат договор на својот млад поентер по што тој замина во своето родно Орландо. Еден од најперспективните (како и најатрактивните) тандеми во NBA беше прерано разделен.

Орландо Меџик (2000-2004)

Tрејси пристигнува дома на 3-ти Август 2000-та година заедно со Грент Хил. Управата на “магичните” очекуваат многу од својот нов тандем. За жал, Хил никогаш не беше подготвен за игра поради многубројните повреди, а МекГрејди беше единствен лидер на тимот од Флорида. Во првата сезона како играч на Орландо, станува Ол-Стар играч и ја освојува наградата за играч со најголем напредок во една сезона. Неговиот тим влезе во плејоф-от каде загуби од Милвоки Бакс.

Веќе следната година, “Ти-Мек” повторно напредува. Постигнува 26 поени, речиси 8 скокови и 5 асистенции по натпревар. Станува редовен на собирот на најголемите ѕвезди. На 8-ми Март 2002 ја постигнува својата прва 50-ка во победата над Вашингтон Визардс. На крајот од првенството е избран помеѓу најдобрите 10 играчи во лигата.

Наредните две години (2003 и 2004-та) МекГрејди станува најдобриот стрелец во NBA. Неговиот просек од над 32 поени по натпревар го вброи меѓу главните кандидати за најпрестижните награди. Летото 2003-та година, гордо ја претставува својата земја на турнирот во Порто Рико каде го освојува златниот медал.

И кога се очекуваше “бум” на тимско поле, “магичните” се судрија со очекувањата. Сезоната 2003-2004 Орландо стартуваше лошо. Набрзо беше отпуштен тренерот Док Риверс, потег на управата која не беше најдобро прифатена од играчите.
Во текот на првенството играчкиот состав отворено ја критикуваше работата на генералниот менаџер Џон Вајсброд, што резултираше со дополнителен хаос во организацијата. МекГрејди како капитен на тимот се обидуваше на секој начин да го реорганизира работите но, не можеше сам. Сезоната заврши катастрофално за Орландо, а на крајот “Ти-Мек” беше испратен во Хјустон.

Хјустон Рокетс (2004-2010)

По доаѓањето во Тексас следува силен старт за нашиот херој. Новоформираниот тандем со кинескиот џин, Јао Минг го прави Хјустон еден од најсериозните конкуренти за тронот. Во Декември 2005-та година, МекГрејди ја имаше една од најнезаборавните претстави во историјата на NBA. Постигна неверојатни 13 поени за 35 секунди и буквално сам го врати својот тим против Сан Антонио. Победоносниот шут беше само “шлаг на тортата”. Повторно е редовен на Ол-Стар натпреварите но, “ракетите” се мачат во доигрувањето.

Тимот од година во година се посериозно се засилува. Но тогаш здравјето не е на страна на “ракетите”. Најпрво Јао Минг а потоа и Трејси МекГрејди влегуваат во серија на сериозни повреди и долг период на рехабилитација. Сето тоа внесува неизвесност и големи тешкотии за тимот со големи очекувања. Хроничните болки во грбот го спречија Трејси да го покаже сиот свој поентерски потенцијал. По сезоната 2006-2007, “рекетите” повторно се регрутираа, се засилија и посакуваа повеќе среќа. МекГрејди играше повреден (и под терапија) повеќе од 9 месеци, а без Јао Минг “рокетси” беа елиминирани од Јута Џез. Следуваше тежок период.

МекГрејди беше подложен на артроскопска операција на левото рамо и левото колено. Пропушти голем дел од натпреварите а кога се врати беше далеку од очекувањата. Хјустон стагнираше а веќе следната година се реши за целосен ремонт на тимот. Знаејќи дека е на излезна врата (сеуште опорувајќи се од многубројните оперативни зафати) МекГрејди беше испратен во Њу Јорк.

Њу Јорк Никс / Детроит Пистонс / Атланта Хокс (2010-2013)

Три години во кој “Ти-Мек” целосно ја видоизмени својата игра. Имаше сериозно намалена минутажа и се трудеше да даде полн придонес. И покрај тоа што сеуште беше млад, важеше за прекален ветеран со драгоцено искуство. Експлозивноста повеќе ја немаше. Офанзивниот арсенал беше сериозно лимитиран по многубројните повреди. Многумина аналитичари со жалење коментираа дека МекГрејди ќе биде принуден да стави крај на својата кариера на почетокот на своите 30-ти. По краткиот излет во Кина каде постигнуваше над 25 поени по меч, се приклучи на Сан Антонио Спарс за плејофот каде не доби шанса за игра. Става точка на својата кариера на само 33 години.

РЕЗИМЕ

Трејси МекГрејди стана член на халата на славните во 2017-ма година, најголемата почест која некој кошаркар може да ја добие. Важеше за еден од најтешките противници за чување и според кажувањата на неговите ривали “вистински кошмар” за противничките одбрани. Експлозивен и исклучително офанзивно потентен. Беше седум кратен Ол-Стар, двократен најдобар стрелец и носител на златен медал.

Многумина се прашуваат како ќе завршеше неговата приказна доколку останеше здрав? Што ли ќе се случеше доколку никогаш не ги напушти Торонто и Винс Картер? Колку “магичен” ќе беше периодот во Орландо доколку до него беше подготвен Грент Хил? Дали со Хјустон беше на чекор до шампионските височини?

Многу прашања останаа да лебдат. Едно е сигурно, “Ти-Мек” беше еден од офанзивно најопасните играчи кој стапнале на кошаркарскиот терен.

NBA FAN

Димитар Младеновски

Прочитајте некој од колумните:

NBA колумна на Димитар Младеновски-Приказната за Грент Хил (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Генералот Хорас Грент (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски–“Белото чоколадо” (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Профил на Лери Џонсон (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Шампионот на кој не му беше потребна титула (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Денис Родман изнесе шокантни факти (ВИДЕО)

 

NBA колумна на Димитар Младеновски-Животот на Eди Кари “baby Shaq” (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Кој го уби Лоренцен Рајт? (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Силниот Mич Ричмонд (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Во домот на “Господин Мајами” (ВИДЕО)