Вистински лидер нема потреба од награди. Вистински професионалец нема потреба од одобрување од страна на критичарите. Вистински воин својата сила и жед за успех ја покажува на бојното поле. На вистински шампион не му е потребна шампионска титула!
Оние кој имале можност (и чест) да го следат растот и прогресот на Чарлс Оукли, имаат совршено опишан рецепт за успех (на секое поле). Крајно сериозно приоѓајќи на секоја пречка и уништувајќи ја пред себе како воопшто да не постоела. Редок примерок на работник кој никогаш не му пречело да ја заврши најтешката (или “највалканата”) задача. Ви го претставуваме моќниот “ОУК”, или“чичко Оук” како што многумина милуваат да го именуваат.
Уште на стартот на своето патување, како средношколец а потоа и како универзитетски играч (претставувајќи ја Вирџинија Јунион) Оукли ја презентираше својата моќ и сестраност. Со фантастичен просек од 24 поени и 17 скокови по натпревар, го водеше својот колеџ тим до скор 31-1 во последната сезона носејќи го со гордост дресот на “пантерите”. Сосема очекувано беше избран на драфтот 1985 година, како висок 9-ти пик. Иако на големата сцена го доведе градот во кој е роден (Кливленд) силното инсиситирање на управата на Чикаго успеа да го направи заштитник на (тогаш младите и надежни “бикови”) Мајкл Џордан и Скоти Пипен.По 3 одлични сезони во дресот на “биковите” (на огромно разочарување на навивачите и соиграчите во Чикаго) Оукли беше разменет во лутиот ривал, тимот на Њу Јорк Никс. Чикаго доби искусен центар во Бил Картрајт, но, Њу Јорк го доби еден од најголемите воини на 90-тите. За само три години поминати во “ветровитиот град” (тогаш младиот) Оукли постави стандарди за напорна работа, издржливост и дисциплина која ке му помогнат на Чикаго да доминира една цела декада по неговото заминување.
Во “големото јаболко”, стана вистински миленик на публиката. Неисцрпната енергија и страста со која се појавуваше секоја вечер на теренот го направи незаменлив дел од тимскиот нуклеус. Kако стартен крилен центар, му помогна на својот клуб да се пласира во големото финале 1994 година. За ”влакно” не го освои шампионскиот прстен. Њу Јорк го загуби решавачкиот 7-ми меч во Хјустон и не успеа да дојде до толку посакуваниот трофеј.
Следната сезона, ”Оук” стана All Star играч и еден од најдобрите крила во најсилната лига. Не ретко токму моќното крило беше централна фигура во нападот на Никси. Мекиот шут, гранитната одбрана, и строгиот “рулинг” кој со својата појава го наметнуваше носеше резултати. Неговата жар и темперамент не ретко доведуваше (дури) до физички пресметки со противниците на паркетот. Секојдневната борба, дисциплина и напорна работа се подразбираше под водство на еден од најголемите кошаркарски умови (Пет Рајли). “Воинот од Кливленд” помина цела декада во Њу Јорк во која остави неизбришлив печат.
Пред почетокот на сезоната 1998/1999, Оукли беше разменет во Торонто за центарот Маркус Кемби. Се почестите повреди на капитенот на Њу Јорк, големиот Петрик Јуинг, ги принуди челниците на “никербокерс” да размислуваат за силно појачување на центарксата позиција. Овој потег на управата на Њу Јорк значеше, (еден вид) подмладување на тимот имајќи во предвид дека Кемби (во тоа време) имаше само 23 години и урнебесно висок потенцијал.
Само две години предходно, Кемби беше најдобриот универзитетски играч во С.А.Д како и втор избор на (според многумина) најсилниот драфт во историјата на кошарката, драфтот 1996 година. Новиот центар на Никси му помгна на тимот да дојде во големото финале уште во првата сезона во новиот дрес. Подоцна во кариерата, Маркус Кемби стана и најдобар одбранбен играч во NBA.
Од друга страна, Оукли во Канада понуди лидерство, мудрост и авторитет кој успеа да го наметне на младиот и талентиран тим кој под негово водство од тежок аутсајдер стана легитимен плеј-оф тим и незгоден противник за секого во NBA.
Во три години кој ги помина во дресот на “рептилите” успеа од Винс Картер и Трејси МекГрејди не само да добие (апсолутно заслужениот) респект, туку и да ги подготви за се што во понатамошниот тек на нивната богата кариера која следуваше.Како прекален ветеран со челична волја и стабилност успеа да стане “најсилниот глас” во соблекувалната. За тоа колкава големина, тежина и вистинитост носел неговиот збор до денес, тоа го тврдат најголемите NBA ѕвезди кој ја завземаа сцената долго по неговото заминување.Прв во салата за кревање товар. Прв на тимските состаноци. Неуморен и гладен за успех. Оукли беше редок вид на играч со специфичен карактер. Обожуван од соиграчите и вистинска ноќна мора за противниците. Најслатката победа за “Оук” и Репторси дојде во плејофот 2001-та година кога го елиминираа неговиот поранешен тим, среде Њу Јорк.Последните три професионални сезони во NBA лигата, Чарлс Оукли ги подели помеѓу Чикаго, Вашингтон и Хјустон. Придонесуваше на исти начин како и во текот на целата блескава кариера која ја имаше. Како вистински мотиватор и учител на помладите од него. Каде и да се појавеше, неговиот тим бележеше динамичен прогрес. Исклучително интересна беше 2003 година кога за последен пат играше заедно со својот голем пријател Мајкл Џордан, сега во дресот на Вашингтон Визардс.
Чарлс Оукли одигра цели 19 професионални сезони. По завршувањето на играчката кариера се посвети на неговиот ланец од ресторани, салони за автомобили како и инвестиции во полето на спортот. Во родниот Кливленд изгради безброј кошаркарски игралишта и редовно помагаше на средината во која израсна. Улицата на која се наоѓа средното училиште “Џон Хеј” (каде ги направи кошаркарските почетоци) го носи неговото име.Кратко беше помошник тренер во Шарлот Бобкетс но се повлече од позицијата поради хроничните болки во грбот кој мораше да ги реши со оперативен зафат. Во последните три години е главен тренер на тимот “Killer 3’s” во BIG3 лигата која се игра за време на летниот период.“Оук” е еден од главните инвеститори и заложници за проширување на NBA лигата, за барем уште еден професионален тим. Неговиот сон е да биде главен сопственик како (неговиот верен другар) Мајкл Џордан кој е сопственик на тимот на Шарлот Хорнетс. Кој знае? Можеби челичниот борец еден ден ке биде и главен човек на NBA франшиза.
Како ментор и голем пријател на ЛеБрон Џејмс, еден ден, можеме да очекуваме нивно заедничко партнерство во бизнис Светот.Храбар.
Моќен.
Бестрашен.
Упорен.
Решителен.
Без грам сомнеж, Чарлс Оукли е еден од најпосакуваните пријатели и најстрашните противници со кој во својот животен век би се сретнале. Почитуван од атлети, филмски артисти, музички ѕвезди и бизнисмени. Капа долу за “воинот од Кливленд”
NBA FAN
Димитар Младеновски