NBA колумна на Димитар Младеновски-Генералот Хорас Грент (ВИДЕО)

2152

Хорас Грент претставува еден од најефикасните и најуспешните крилни центри кој се појавија на теренот во ’90-тите, како и на почетокот од овој век.

По 4 години поминати на универзитетот Клемсон беше повеќе од јасно дека силното крило е подготвено за големата сцена. Ги водеше “тигрите” во постигнати поени и реализирани скокови. На драфтот 1987 година беше избран како 10-ти пик од Чикаго кој (во тоа време предводен од младиот суперстар Мајк Џордан) имаше исклучителна потреба од крилни играчи. Токму во Јуни 1987, освен Грент, “биковите” го ангажираа и Скоти Пипен преку трампа со Сиетл.По 4 сезони поминати во борба за тронот на Источната конференција, “биковите” успеаа да го детронизираат тогашниот шампион и огромен ривал, тимот на Детроит Пистонс. Грент остави неизбришлив траг во растот на својот тим како и во походот по шампионскиот сјај.Следуваа три титули по ред за “ветровитиот град” во период од 1991 до 1993 година. Цврстата и стабилна игра на Хорас Грент беше еден од најважните компоненти во ултра успешната приказна на неговиот тим. Беше трета опција во составот позади легендарниот тандем Џордан – Пипен. По 7 сезони поминати во Чикаго, замина во младиот и талентиран тим на Орландо Меџик.

На Флорида, Грент го донесе долку посакуваното искуство и цврстина која му недостасуваше на тимот. “Магичните” станаа фаворит на Истокот и во состав предводен од младите Шекил О’Нил и “Пени” Хардавеј газеа се пред себе. Се пласираа во големото финале 1995 година, но за жал загубија од тогашниот шампион, искусниот тим на Хјустон Рокитс.Најзначајната победа во дресот на Орландо, Хорас Грент ја прослави на теренот на својот поранешен клуб. Во Јунајтед центарот, Грент како вистински херој носен на плеќите на своите соиграчи, го елиминара Чикаго Булс со Мајкл Џордан (кој неколку месеци претходно се врати) во составот.

По 6 сезони минати во Орландо, Грент како прекален ветеран беше испратен во Сиетл и имаше подеднакво успешна игра како и претходно. Годините не беа пречка бидејќи тој отсекогаш бил дисциплиниран и посветен на секојдневно подобрување. Следуваше кратко враќање во дресот на Орландо, а потоа, се најде повторно во шампиоски состав.

На силно инсистирање на својот поранешен соиграч, Шекил О’Нил,  во 2001 година се приклучи на актуелниот шампион, Лос Анџелес Лејкерс. На негова 35 годишна возраст беше стартен крилен центар во 77 натпревари. Му помогна на “градот на ангелите” да ја одбрани титулата , доаѓајќи до својот четврти шампионски прстен.

За тоа колку беше почитуван од страна на управата на ”лејкерс” доволно говори податокот што три години подоцна беше (буквално) вратен од пензија за да настапува повторно за нив. Токму во “златно/пурпурниот” дрес, ја заокружи богатата кариера на 38 годишна возраст.Хорас Грент остана запаметен како силен, цврст и исклучително дисциплиниран играч. Мекиот шут и исклучителното чувство за позиција беа едни од неговите најсилни страни. Присуството во соблекувалната и неговото влијание кон помладите соиграчи беше од исклучително значење. Интересен податок е дека во речиси целокупната играчка кариера на теренот од спротивна страна како противник го имаше својот брат близнак, Харви Грент кој исто така имаше успешна NBA приказна.

“Генералот” како што повеќето го нарекуваа, секоја вечер даваше максимум. Стана All-Star играч но најважно и четирикратен шампион. Уживајте во ова видео каде на дело се најубавите моменти од неговата кошаркарска приказна.

 

NBA FAN

Димитар Младеновски