Бокс корнер со Димитар Младеновски-Принцот побрз од светлината (ВИДЕО)

2767

Секогаш кога ПринцНасим Хамед се појавуваше во рингот, тоа претставуваше незаборавна претстава и вистинско шоу.

Веќе пишувавме за најголемиот шоумен од 90- тите.

Бокс корнер со Димитар Младеновски-“Принц” Насим Хамед = најголемиот шоумен од 90-тите (ВИДЕО)

На 19 Декември 1997 година, во неговото прво гостување во САД, се соочи со еден од најсериозните противници во својата блескава кариера.

Противник беше искусниот Кевин Кели, кој до тој момент, имаше 47 победи во лесна категорија. Уште во најавата за овој дуел, беше видливо дека двобојот ќе биде повеќе од возбудлив. По победата над Хозе Бадило, беше објавено дека британската сензација, Насим Хамед, ќе го направи своето долгоочекувано американско деби. Во тоа време “принцот” беше непоразен како професионалец, со скор 28-0. Поради неговиот атрактивен стил на боксување, раскошниот талент и колоритниот карактер, беше еден од најпопуларните боксери во историјата.

Кели (кој ја загуби WBC титулата во 1995 година) имаше 8 победи по ред пред овој меч. Присуство на Хамед на американско тло претставуваше храбар потег, имајќи во предвид дека (како непоразен борец и шампион) токму тој одлучуваше каде ќе се одржуваат неговите борби. Познат како најголемиот шоумен кој се појавил на рингот, како вистинска супер ѕвезда пристигна во Њу Јорк. Следуваше фантастичен дуел во легендарниот “Медисон сквер гарден”.

Хамед силно нападна во првата рунда. На минута пред гонгот, беше изненаден со моќен удар од Кели кој за кратко го испрати на подот.  Набрзо го возвраќа ударот и овој пат неговиот противник е во иста ситуација. Во втората рунда Кели влегува поагресивно, а Хамед се обидува да ги избегне ударите.

Страничните чекори и молневитата брзина на “принцот” го тера да греши се почесто. Третата рунда двајцата борци имаа повнимателен пристап. Откако Кели целосно промаши неколку пати, следуваа неколку удари од Хамед кој го разнишуваат американецот. Четвртата рунда е вистинско шоу во изведба на “Наз”.

По минута и половина, следуваат две крошеа од страна на британецот кој го испратија Кели повторно на подот. Популарниот “Флеш” успеа да се врати на нозе, но не за долго. Иако се обиде да го пронајде енергичниот интензитет со кој ја започна борбата, Кели се најде во голема неволја. Хамед враќајки се наназад, задава нов силен дирек кој го испраќа противникот на подот (втор пат во истата рунда). Видливо е дека последниот удар направи огромна штета врз балансот на Кели. Не можејќи да ја врати контолата, мечот го завршува на колена.
На крајот од мечот овие два воини ја покажаа почитта еден кон друг, со комплименти и суперлативи опишувајќи се меѓусебно.

Оваа борба е избрана за една од највозбудливите на сите времиња од страна на сите еминентни познавачи на спортот. Уживајте во целокупниот легендарен судир од Њу Јорк, ‘97-мата.

Димитар Младеновски