Бокс корнер со Димитар Младеновски- Трагичната приказна на Сони Листон (ВИДЕО)

1179

Чарлс Ел “Сони” Листон. Име кое е вбројувано помеѓу најдобрите 10 “тешкаши” на сите времиња. Неговата животна приказна и како измислена за на филмска лента. Токму поради тоа во негова чест беше и снимен филм (Фантомскиот удар) во 2008 година. Следува контроверзниот пат на еден од најсилните боксери кој се појавиле во рингот.Роден во 1930 година во малиот Сент Слоуг (Арканзас), детството на Листон беше тешко и трауматично. Физички напаѓан од својот татко уште на најрана возраст. Криминално досие за кражби и физички напади во тинејџерските години. Спасот го најде во салата за кревање товар и конечно во рингот.Висок 185 сантиметри но со фантастичен распон на рацете (цели 213 сантиметри) “Сони” многу брзо се проби на сцената. Освои два златни медала како аматер во Чикаго, 1953 година. По стартот на неговата професионална кариера, беше повеќе од очигледно дека се работи за борец со исклучителна издржливост, силен удар и појава која влева страв кај противниците.

Со само еден пораз (на поени) во 1962 година, стана светски шампион нокаутирајќи го Флојд Патерсон. Следуваше одбрана на WBC титулата и легендарниот двобој со (тогаш младиот) Касиус Клеј (Мухамед Али). Иако Листон беше фаворит со 7:1 на крајот од борбата, мораше да го признае поразот од далеку побрзиот противник. И покрај повредата на рамото кое го мачеше во текот на целиот дуел, Листон издржа до самиот крај. Римечот со (сега веќе новопрогласениот шампион) Мухамед Али беше неизбежен, но и страотно контроверзен.

Во вториот дуел, Сони Листон претрпе пораз уште во првата рунда со нокаут завршница. Ударот кој го прими не беше ништо посилен од било кој друг, кој го издржал претходно. Овој пат падна како покосен на рингот и не успеа да се врати во борбата. Од самиот двобој произлезе една од најлегендарните и најпрепознатливите слики во историјата на спортот, како и легендата за “фантомскиот удар”. Листон по мечот претрпе страотни критики од страна на аналитичарите.Многумина сметаа дека двобојот е “наместен” и дека крајниот епилог бил познат многу порано од стартот на гонгот. Излегоа информации и дека Листон (кој во тој период почна да ја губи онаа дисциплина која му беше неопходна) во борбата доаѓа недоволно спремен како и видно незаинтересиран. Честите посети на ноќните клубови и дружбата со сомнителни ликови (за жал) ке го следат до крајот на животот.

По губењето на шампионскиот појас, Листон боксуваше уште 6 години во кој претрпе (уште само) 1 пораз. Кариерата ја заврши на 38 годишна возраст со конечен скор од 50-4. Токму 1970 година, кога ја имаше својата последна победа во рингот, ке биде кобна за “големата мечка” (како што популарно го нарекуваа).Сони Листон беше лик кој често посетуваше казина, ексклузивни ноќни клубови, елитни ресторани и по преселбата во Лас Вегас се почесто беше во друштво на сомнителни ликови со криминално досие. Во тој период, Листон често позајмуваше средства кој потоа очекуваше да му бидат вратени. Неговата великодуност го чинеше скапо. Секојдневните “излети” во доцните ноќни часови го доведоа до колапс. Иако сите кој го познаваат тврдат дека Листон никогаш не користел наркотици, полицијата во Невада не го делеше нивното мислење.

На 5-ти Јануари 1971 година, неговата сопруга, Жералдин Листон го пронаоѓа својот сопруг мртов во нивниот дом. Тука почнуваат сите теории на заговор кој (за жал) постојат до денес. Сопругата на Листон (која во тој период била на службено патување) тврди дека не можела да стапи во контакт со својот сопруг 6 денови пред да се врати дома.

Откако го наоѓа безживотното тело на “Сони” поминуваат (цели) 3 часа пред да повика полиција. Таа тоа го негира до денес и тврди дека веднаш ги информирала надлежните, иако тие се појавиле 3 часа по нејзиното јавување.Полицијата од Невада решава да го затвори предметот како “несреќен случај”. Причина за смртта според записникот е предозирање од хероин. Сите кој го познаваa Сони, беа свесни колкав страв и одбивност големиот борец имаше од игли, што го прави случајот уште понеобичен. Најсомнителен е наодот од аутопсијата на телот на Листон, каде пишува дека кога (конечно) го пронашле, неговото тело било во толку лоша фаза на распаѓање што не може (со сигурност) да потврдат дали имал остатоци од смртоносниот наркотик во неговиот систем.Листон, на само еден месец пред неговата смрт, посетил една од болниците во Лас Вегас бидејќи имал проблеми со дишењето. Често се жалел на болки во градите. Било констатирано дека има неправилна работа на срцето.Најконтроверзно одекнаа изјавите на Џони Токо и Тони Дејви кој беа големи пријатели на фамилијата на Листон. Тие ја потврдија информацијата дека Сони многу често бил во сомнително друштво, неколку месеци пред неговата смрт.Двајцата пријатели на големиот борец тврдеа дека полицијата имала информации дека Листон не е во ред и иако пријавувале да биде присилно влезено во неговата куќа, полицијата со намера го оставиле Сони во неговиот дом да се распадне.
Прерано зкасна една блескава кариера. Прерано зкасна еден млад живот. Сони остана енигма долго по неговот заминување на другиот свет.

Димитар Младеновски