NBA колумна на Димитар Младеновски-Неуморниот “Биг” Бен Волис

856

Почетоците

Бен Камеј Волис. Роден на 10-ти Септември 1974 година, во Уајт Хол – Алабама. Израснува во топло семејство, со полна куќа луѓе. Има 10 браќа и сестри. Младиот Бен секојдневно се придружува на своите постари браќа (како најмлад меѓу осуммината), на кошаркарските терени како и во берберниците, помагајќи им.

Уште во средношколските денови во “Хејнвил”, ги добива сите спортски почести. Настапува во бејзбол, рагби како и кошаркарскиот тим на училиштето. Легендарниот крилен центар, Чарлс Оукли станува негов ментор и е главна причина што Волис (по завршувањето на средното училиште) пристигнува на Универзитетот “Вирџинија Јунион”, каде поминува незаборавни две години.

На универзитетско ниво, постигнува по 17 поени и импресивни 7 блокади по натпревар. Офанзивноста му се базира на силна игра во рекетот и моќно пивотирање во него. И покрај одличната дефанзивна игра, на еден од најсилните драфтови во историјата (1996-та година) не е избран.

Бостон Селтикс го повика во својот тренинг камп. Тоа што не беше избран на драфтот му даде дополнителна мотивација за да се докаже. Сè што му требаше беше шанса за игра, бараше можност да се покаже во право светло. Не играше на позицијата на која беше навикнат па набргу го напушта Масачусец и решава да замине за Италија. Пристигна во тимот на Реџо Калабрија. По краткиот престој (три недели) на “Чизмата”, се враќа во САД.

Добива повик од генералниот менаџер на Вашингтон, (некогашниот силен крилен центар) Вес Анселд и се приклучува на “булетси”.
На управата на тимот и беа потребни само 4 дена за да се реши да го задржи во своите редови и да му даде шанса за официјален настап во најсилната светска лига.

Вашингтон Булитс/Визардс (1997-1999)

Волис во Вашингтон пристигна како недрафтуван играч кој како свои позитивни карактеристики ги поседува борбеноста, агилноста, цврста одбрана и импресивниот физикус.
На неговата позиција имаше двајца “Аll-Star” кошаркари, Крис Вебер и Џуан Хауард па, беше очигледно зошто младото и цврсто момче не добива голема минутажа. Веќе во втората сезона добива повеќе шанса за игра и веднаш ги презентира своите дефанзивни квалитети.

Интензитетот и (заразната) енергија која ја презентираше на теренот му донесоа повеќе минути во третата професионална сезона во која полека почна да се промовира како еден од најкорисните млади дефанзивци во лигата. Трите години поминати во главниот град се исклучителни важни за развојот на силното момче.

Орландо Меџик (1999-2000)

На 11-ти Август 1999 година, Волис беше разменет во Орландо.
Стартуваше на 81 средба и го подобри својот просек во сите статистички категории.

И покрај 50% успех кој “Магичните” го имаа таа сезона што преставуваше (своевидно) изненадување, тие не успеаа да се пласираат во “плејофот”.
Следуваа големи промени за тимот од Флорида. Волис повторно беше разменет, овој пат во Детроит Пистонс во пакет како компензација која ја доведе суперѕвездата Грент Хил, во дресот на Орландо.

Детроит Пистонс (2000-2006)

Откако беше трампан во “градот на автомобилите”, Бен Волис ги привлече симпатиите на публиката од самиот старт.
Неговите 13.5 скокови и 2.5 блокади по натпревар беа одлични, но она што е поимпресивно е што на навивачите на Детроит им покажа нешто што им недостасуваше толку долго време: жестоки фаули како Бил Ламбиер, убиствени блокови како Џон Сели и сигурен скок како и гранитна одбрана во стил на Денис Родман.
Бен сето ова можеше да го направи сам!

За многумина беше вистинско освежување и пријатно изненадување присуството на “Биг Бен” во новиот дрес. Моќниот центар за кратко време прерасна во еден од најдобрите дефанзивци во лигата. Во 2002-ра година, неговата силна дефанзивна игра му ја донесе првата награда за “Дефанзивец на годината”.
На тимско ниво, Детроит од година во година беше се подобар и подобар.

Веќе следното првенство, “Биг Бен” (како што популарно почнаа да го нарекуваат) повторно ја освојува наградата за најдобар дефанзивец, втора година по ред.
Зграбува речиси 16 скокови по натпревар, бројки кој се немаат видено по доминацијата на легендарниот Денис Родман (со кого се почесто почнаа да го споредуваат). Во доигрувањето по неизвесни битки, губат од двократниот “вицешампион”, тимот на Њу Џерси Нетс.

Сезоната 2003-2004 е специјална.
Под водство на новиот тренер, Лери Браун, “Клиповите” ја подигнаа својата игра на повисоко ниво. Гранитната одбрана беше (стандардно) најсилна во лигата а на половина од сезоната им се приклучи “All-Star” крилото Рашид Волис, токму она што им беше најпотребно.

Тимот со дополнителното засилување само ја надгради својата игра. Бековските позиции ги завземаа Чонси Билапс и Ричард Хамилтон, крилните Тејшон Принс и Рашид Волис, а центарската позиција беше местото на кое деминираше Бен Волис.

Детроит успеа да се пласира во големото финале по пауза од 15 години каде за противник го имаше големиот фаворит, тимот на Лос Анџелес Лејкерс кој освен Шекил О’Нил и Коби Брајант во составот тоа првенство ги придодаде и Карл Мелоун и Гери Пејтон. “Пистонси” на најдобар можен начин покажаа дека храброто срце и напорната работа се посилни од талентот шокирајќи го кошаркарскиот Свет. Со 4:1 го победуваат големиот фаворит од Калифорнија и ја освојуваат толку посакуваната титула.

Како бранители на титулата (во сезоната 2004/2005) Детроит со нетрпение ја очекуваше новата сезона. Првенството ќе добие сосема неочекуван тек кога на 19.Ноември.2004 се случи огромен инцидент на дуелот со Индијана Пејсерс. Волис и Рон Артест влегоа во дуел по што публиката реагираше жестоко а играчите на “Пејсерси” решија да се пресметаат со навивачите на домашниот тим. Волис беше супендиран на 6 мечеви а неговиот брат (Дејвид Волис) доби условна казна од една година и општествено корисна работа, бидејќи го удри играчот на Индијана, Фред Џоунс при хаосот на трибините.

По инцидентот, тимот се регрупира и работите се вратија во нормала. На крајот од сезоната, Бен Волис ја освои својата трета награда за “Дефанзивец на годината”. “Пистонси” во својот поход кон финалето го елиминираа исклучително силниот Мајами Хит кој ги имаше (тогаш младиот) Двејн Вејд и Шекил O’Нил во својот состав. Во големото финале се судрија со Сан Антонио Спарс. Во клучниот седми и решавачки меч, го губат приматот на шампиони и титулата се сели на Западот.

И покрај разочарувањето, Волис и “Пистонси” силно се враќаат за натпреварувачката 2005/2006.
“Биг Бен” четврти пат е најдобар одбранбен играч во NBA и по четврти пат е “Аll-Star” играч.  Детроит беше доминантен во текот на првенството и победи во 64 натпревари но, во “плејофот” Мајами Хит се реваншираа за елиминацијата од претходната сезона. Токму тимот од Флорида ќе стане новиот NBA шампион откако помина преку тимот од Мичиген.

По завршувањето на сезоната (‘05/’06), Волис очекуваше нов и богат договор. Понудата која ја доби не ги задоволи неговите очекувања по што се решава за (во тоа време) изненадувачки, дури шокантен потег. Како слободен играч, преминува во ривалот од Централната дивизија, тимот на Чикаго Булс.

Чикаго Булс (2006-2008)

Во Јули 2006-та година, Бен Волис му се приклучува на Чикаго Булс. Потпишува четири годишен договор вреден 60 милиони долари. Навивачите во “Ветровитиот град” очекуваа токму тој да биде алката која недостигаше за “Биковите” повторно да направат силен продор во доигрувањето и да се вратат на старите патеки.

Чикаго играше променливо и под очекувањата.
Победи на 49 натпревари но, во првото коло на “плејофот” се соочи со актуелниот шампион, Мајами Хит и веднаш следуваше големо изненадување. Чикаго го елимира големиот фаворит но, веќе во следното коло се соочува со довчерашниот тим на “Биг Бен”, Детроит Пистонс. “Пистонси” се поискусни и продолжуваат понатаму.

Натпреварувачката 2007/2008 беше најбалаго кажано турбулентна. Сезоната “Биковите” ја започнуваат со разочарувачки 9-16, тренерот Скот Скајлс е разменет а набргу по него следуваат и играчки промени. Управата на тимот е решена да го видоизмени составот по што Бен Волис е испратен во Кливленд.

Кливленд Кавалирс (2008-2009)

Доаѓањето на “Биг Бен” во Охајо беше срдечно прифатено од првата ѕвезда на тимот, Леброн Џејмс. “Кавси” веќе подолго време го имаа Жидрунас Илгаускас на центарската позиција што значеше еден вид олеснување за Бен, со оглед на тоа што во ваков случај ќе настапува како крилен центар а не против далеку повисоки (и потешки) играчи од себе.

За “Кавалирс”, Волис настапи во 78 средби и на најголемиот дел од нив беше стартер. За жал, тимот не успеа да дојде до толку посакуваната титула, иако дојдоа многу блиску до финалето во 2008-ма година кога беа елиминирани од шампионот, Бостон Селтикс. Присуството на Бен во тимот беше забележително бидејќи одбраната на “коњаниците” значително се подобри во период кога тој настапуваше во тимот.

Пред почетокот на 2009/2010, Бен Волис официјално се враќа во средината каде ги помина најубавите играчки денови. На задоволство на навивачите, “Биг Бен” се враќа во Детроит.

Враќање во Детроит (2009-2012)

Последните три години во професионалната кариера, Волис ги помина во добро познатата средина. Овој пат без својата препознатлива “афро фризура” и без стандардната “тројка” (туку со нов број шест) но, со неисцрпната енергија и препознатлива страст која го направија миленик на публиката.

Неговото присуство во тимот претставува вистинско богатство за младите играчи во составот. Во овој дел на својата кариера, Волис е ментор и голем мотиватор на сите околу себе.
На 14-ти Февруари 2012 година, Волис го одигра својот 1.055-ти натпревар надминувајќи го рекордот што го држеше Ејвери Џонсон, за најмногу изиграни натпревари од недрафтуван играч.
Се повлекува на крајот од сезоната 2011-2012, на 37 годишна возраст.

Резиме

Бен Волис претставуваше еден од најбестрашните играчи кој се појавиле на кошаркарските терени.
Неговата работна навика, борба и небројаните часови во салата за кревање товар го направи еден од физички најсилните играчи кој се појавиле во NBA.

И покрај својата висина од (само) 204 цм. се бореше со далеку повисоки и потешки од себе но, никогаш не се предаваше. Неговите 112 килограми беа чиста сурова сила и импресивна мускулеста маса. Претставуваше незгоден противник за секого, а беше омилен меѓу соиграчите и навивачите. Одбраната беше негова најсилна страна а неговите скокови и блокови беа главна причина за успехот на Детроит.

Еден од оние кој најмногу го почитуваше беше неговиот презимењак, Рашид Волис кој за својот пријател до денес често кажува дека претставува исклучително силен работник, вистински раритет и специфична личност во многу погледи.
Претставува еден од само петте кошаркари во историјата кој има повеќе блокади од лични грешки и единствениот кој има повеќе украдени од загубени топки во кариерата.

Два пати беше најдобар скокач во NBA а дури 10 пати се вбројуваше меѓу топ 5 во лигата. Беше четири кратен “All-Star” играч и единствен кој како недрафтуван играч бил изгласан да стартува на мечот помеѓу најголемите ѕвезди.
Беше четирикратен најдобар дефанзивец во првенството, и само Дикембе Мутомбо исто толку пати ја има освоено оваа престижна награда. Ќе остане запаметен и како NBA шампион. Заработи близу 100 милиони долари.
И можеби најважно од се, стана првиот недрафтуван играч кој се најде во “Халата на славните” (“Naismith memorial basketball hall of fame”).

На 16-ти Јануари 2016 година, Детроит Пистонс го повлече дресот со број 3 укажувајќи му чест за се што направи за тимот од Мичиген во текот на играчката кариера. Се наоѓа на првото место на тимската листа по бројот на реализирани блокади, четврти во скокови и меѓу најдобрите 10 во богатата историја на клубот во 8 статистички категории.
Сеуште е во организацијата на “Клиповите”, овој пат како оперативец, организатор и адвизор во тимот.

Со својата сурова сила, “Биг Бен” изнудуваше стравопочит кај противниците. Класична дефиниција за тоа како напорната работа се исплати на најдобар можен начин.

NBA FAN
Димитар Младеновски