100-годишник постави рекорд за најдолг стаж во една компанија – цели 84 години и 9 дена

96

Многу луѓе во текот на животот имаат неколку работи, но некои лојални вработени работат со децении во иста компанија. Но, овој човек од Бразил останал во една компанија подолго од било кој друг на светот – буквално.

Волтер Ортман кој има 100 години, постави Гинисов светски рекорд за работа во иста компанија цели 84 години и 9 дена.

Кариерата на Ортман започнала кога имал само 15 години. Тој се вработил во текстилната компанија „Industrias Renaux S.A“ во 1938 година како помошник во транспорт.

Потекнува од сиромашно семејство, но бил одличен ученик. Обожувал да учи и да се образува, но поради финансиски потешкотии започнал да работи за да му помогне на своето семејство кое живеело во Бруске, пишува „CBS News“.

Градот има многу германски жители, а бидејќи зборувал германски јазик, Волтер се вработил во компанијата за текстил која денес се нарекува „ReneauxView“. Ортман со текот на годините продолжил да се образува и бил унапреден во секторот на продажба, а подоцна станал и менаџер.

Работата во продажба му овозможила да патува ширум земјата за да запознава клиенти, кои подоцна му станале и пријатели.

Компанијата во текот на изминатите 84 години претрпела промени, што го научила Волтер на најважниот дел од работењето: останете во тек и приспособете се на различните контексти.

Неговата рекордна кариера ја потврди Гинисовата книга на 6-ти јануари 2022 година, а професионалниот совет на овој 100-годишник е да работите во подрачјето во кое се чувствувате мотивирани.

Својата 84 години долга кариера ја остварил и со помош на својата способност да живее во сегашноста:

„Не планирам многу, ниту се грижам за утре. Сè за кое се грижам е утре да биде уште еден ден во кој ќе се разбудам, ќе станам, ќе вежбам и ќе одам на работа. Треба да се занимавате со сегашноста, а не минатото и иднината. Овде и сега е она што е важно. Затоа, да одиме на работа“, порачал Волтер.