Една од најинтересните NBA приказни. Кариерата на Грент Хил.
Еден од оние играчи за кој се сметаше дека има талент и потенцијал рамно на најголемиот, Мајкл Џордан.
Има две фази во неговата богата кошаркарска кариера.
Пред и после повредите.Без никаква дилема (и во двете верзии) тој не само што играше на високо ниво, туку подеднакво беше ефективен на најразличен начин. Повредите го натераа да ја промени својата игра. Ако претходно атлетицизмот беше главна карактеристика, потоа Хил стана одличен шутер од дистанца и подеднакво силен дефанзивец.
Следи краток осврт на професионалниот пат на еден од најдобрите играчи од 90-тите.Избран како трети пик на драфтот 1994 година, Хил прикажа изненадувачки зрела игра за своите години. Уште во првата сезона, по само 39 изиграни натпревари беше избран за All-Star стартер, а во наредните години беше рамо до рамо во гласањето со Мајкл Џордан. Популарноста која ја постигна толку рано во својот професионален пат го прави уникат и вистински раритет.
Неговата “all-around” игра беше видлива, и од година во година беше се подобар и подобар.
Од 1994 до 2000 година, Грент Хил имаше просек од 22 поени, 8 скокови и над 6 асистенции по натпревар. Воедно, тој беше единствениот кој тоа можеше да го направи во таа доба на кошарката.
Често играше и повреден, а шокантно делува и податокот што неговите проблеми со повредите започнаа во плејоф-от (2000-та година). Тогаш тимските доктори на Детроит Пистонс (и покрај ренген снимките) не го информирале дека одреден период игра со скршеница на стапалото! Токму оваа “грешка” на лекарскиот тим, ќе му претставува долгогодишен кошмар.
Во летото 2000 година, беше трампан во Орландо Меџик каде играше во тандем со една од најголемите млади ѕвезди во моментот, Трејси МекГрејди. Во првата сезона во дресот на “магичните”, настапи на само 4 натпревари. Во наредните 2 години, Хил се појави на само 44 натпревари од вкупно 178.
Константните здравствени проблеми и честите операции, го доведоа и во животна опасност, кога во 2003-та година доби инфекција на штотуку оперираниот скочен зглоб.
Повторно отиде под нож, и одново следуваше долга рехабилитација. Ја пропушта цела сезона, 2003/2004.
И кога сите го отпишаа, се случи чудо. Хил се врати следната година и во 2005-та играше како никогаш да не бил повреден.
И покрај 5-те операции кој ги имаше (налик) делуваше како никогаш да не паузирал. Постигнуваше во просек преку 20 поени, и повторно беше All-Star играч. За жал на крајот на сезоната 2005 повторно беше приморан да оди на нов хируршки зафат.
Во 2007-ма година потпишува за (тогашниот фаворит) тимот на Феникс Санс. Во Аризона има одлични 5 сезони, во кој “сонцата” беа кандидати за титулата. Секоја година беа во самиот врв на NBA лигата, а притоа, токму Хил беше една од клучните алки во тимскиот нуклеус.
Ја подобри играта во нападот, а на моменти делуваше како оној “стариот” (кога го несеше дресот на “пистонси”). Интересно е дека при крајот на кариерата, стана еден од најдобрите дегфанзивци во лигата.Редовно беше задолжен да ги чува најдобрите играчи во противничкиот табор. Беше втор најдобар стрелец во својот тим, и често умееше да ги одигра сите натпревари во сезоната без никакви знаци на замор.
Беше прекален ветеран, мотиватор, професионалец, и вистински лидер на својата “чета”. Кариерата ја завршува на 40 годишна возраст, во дресот на Лос Анџелес Клиперс.
Денес Грент Хил е ко-сопственик на тимот на Атланта Хоукс, како и подпретседател на бордот на сопственици на тимот од “градот на Кока кола-та”.
Работи и како кошаркарски аналитичар, коментатор на натпревари, и често организира ревијални средби во хуманитарни цели.
Кариерата ја заврши како 7-кратен All-Star играч.
Ја доби честа да стане член на “халата на славните” (“Naismith Memorial Basketball Hall of Fame”) во 2018 година.Како и за многу NBA величини, останува да лебди прашањето, што ли се беше способен да направи Хил доколку во најубавите години на својата кариера, не беше сериозно повреден?
Се чини дека многубројните операции го уништија атлетскиот потенцијал кој го поседуваше. Неговата напорна работа и челична дисциплина го вратија на теренот.
Од таму замина како еден од најголемите борци кој се појавиле на него. Хил беше најдоброто ниско крило на 90-тите, со плејмејкерски способности, вонсериска визија и исклучителна дисциплина во играта. Профил на играч кој во денешно време, без никаква мака (тврдам) би имал “triple double” просек.
Една од најголемите мистерии во историјата на најдобрата кошаркарска лига.
Еден од најомилените играчи кој се појавиле на теренот.
NBA FAN
Димитар Младеновски
NBA колумна на Димитар Младеновски-Профил на Лери Џонсон (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Шампионот на кој не му беше потребна титула (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Денис Родман изнесе шокантни факти (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Животот на Eди Кари “baby Shaq” (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Кој го уби Лоренцен Рајт? (ВИДЕО)