NBA-Сите трампи на едно место

304

Синоќа заврши преодниот рок во NBA. Ви ги претставуваме сите трансфери на играчи кој се случија.

Лос Анџелес Клиперс го испрати Реџи Џексон во Шарлот а во спротивен правец заврши центарот Мејсон Пламли. “Клиперси” направија уште еден “дил”, овој пат со Хјустон Рокетс и Мемфис Гризлис. Од Хјустон го добија ветеранот Ерик Гордон кој кариерата ја започна токму во тимот од Калифорнија. Лук Кенард од Лос Анџелес премина во Мемфис а “Ракетите” ги добија ветераните Дени Грин и Џон Вол кој се очекува да бидат ослободени од обврските.

Во трампата која го испрати Кевин Дурент во Феникс се приклучи и четврти тим, Индијана Пејсерс. Со оглед на комплексноста на трампата и големиот број на играчи како и идни пикови ги издвојуваме синоќешните дополнителни промени во составите. Џорџ Хил се враќа во Индијана заедно со ветеранот Серж Ибака. Џеј Краудер заврши во Милвоки а Ти-Џеј Ворен се враќа во дресот на “сонцата”.

Комплексна размена се случи помеѓу уште четири NBA тимови. Портланд, Њу Јорк, Филаделфија и Шарлот разменија еден куп играчи како и пикови. “Блејзерси” ги добија Кем Редиш, Матис Тајбл и Рајан Арчидијаконо. Во “Медисон Сквер Гарден” пристигнува Џош Харт, на огромно задоволство на неговиот тимски другар од универзитетските денови во Виланова, Џејлен Брансон. “Сиксерси” го ангажираа Џејлен МекДениелс а “Хорнетси” Сви Михајлук.

Миленикот на навивачите во Оукленд, Гери Пејтон (втори) се враќа во дресот на актуелниот шампион по шест месечна пауза откако “воините” повторно го доведоа во своите редови. За возврат неговиот довчерашен тим Портланд доби 5 идни избори од втората рунда на драфтот.

Бостон го доведе Мајк Мускала од Оклахома а во спротивен правец замина Џош Џексон. Во дресот на “Тандер” пристигнува и хрватот, Дарио Сарич а во Феникс заминува Дариус Бизли.

Њу Орлеанс Пеликанс го доведе еден од најдобрите дефанзивци како и еден од најпотценетите играчи во лигата, Џош Ричардсон. Сан Антонио за возврат го доби Девонте Грем како и четири идни избори од втората рунда на драфтот.

Детроит Пистонс доведе уште еден талентиран играч со висок потенцијал. Откако во ланскиот преоден рок го доведоа поранешниот втор пик Марвин Бегли, тимот од Мичиген успеа да доведе уште еден втор избор од претходните драфтови. Станува збор за центарот Џејмс Вајзмен кој доаѓа од Голден Стејт Вориорс. Кевин Нокс заврши во Портланд а Садик Беј во Атланта.

“Лејкерси” продолжуваат со промени. Од Орландо Меџик го доведоа Мо Бамба а на Флорида го испратија Петрик Беверли. Томас Брајант преминува во Денвер а во Лос Анџелес Клиперс младиот “Боунс” Хиланд.

NBA FAN
Димитар Младеновски