NBA-Богата Божиќна вечер (ВИДЕО)

413

Синоќа и рано утрово се одржаа натпреварите од “Божиќната” NBA програма.

Најпрво Њу Јорк Никс ја пречека Филделфија 76ерс.
Во интересен и крајно неизвесен натпревар, гостите од Пенсилванија победија со 119:112.
Џоел Ембид постигна 35 поени а Џејмс Харден реализира 29 поени и 13 асистенции.
На спротивната страна, Џулиус Рендли постигна 35 поени што претставува најдобар поентерски меч на “Божиќна ноќ” по Кармело Ентони, кој беше во публиката и поздравен со овации од присутните во “Медисон Сквер Гарден”.

Во Далас најпрво се одржа специјална церемонија.
Најдобриот играч во историјата на клубот, Дирк Новицки доби своја статуа а потоа “Мавси” го победија Лос Анџелес Лејкерс со 124:115.
Лука Дончич беше близу до “трипл-дабл” учинок со 31 поен, 9 асистенции и 9 скокови но, оваа вечер конечно ја доби неопходната помош од своите соиграчи.
Кристијан Вуд го имаше најдобриот меч сезонава со 30 постигнати поени следен од Тим Хардавеј со 26 поени.
Кај гостите од “Ел-Еј”, очекувано најрасположен беше Леброн Џејмс со 38 поени.

Бостон Селтикс го пречека Милвоки Бакс и испрати силна порака на својот конкурент за врвот на Истокот.
Домаќините одиграа одлично во нападот и извојуваа висока победа од 139:118.
Џејсон Тејтум беше водечки со 41 поен а неговиот тимски другар Џејлен Браун постигна 29 поени.
Јанис Антетокумпо постигна 27 поени но, не успеа да го спречи третиот пораз по ред на “Бакси”.

Голден Стејт Вориорс го пречека Мемфис Гризлис.
Актуелниот шампион одигра одлично и заслужено извојува победа од 123:109.
Во отсуство на Стеф Кари, Џордан Пул беше најпрецизен со 32 поени, следен од Клеј Томсон со 24 поени.
Џа Морент беше најефикасен на мечот со 36 поени и 8 асистенции.
И покрај поразот, Мемфис е во борба за првата позиција на Западот со биланс 20-12.

Последниот натпревар беше и најнеизвесен.
Денвер Нагетс и Феникс Санс играа продолжение во кој “Нагетси” успеаа да го зачуваат домашниот терен победувајќи со 128:125.
Никола Јокич повторно одигра фантастичен меч. Српскиот репрезентативец имаше неверојатен “трипл-дабл” учинок со 41 поен, 15 скокови и 15 асистенции.
Арон Гордон постигна 28 поени а Џемал Мари 26 поени.
Со третата победа по ред, тимот од Колорадо е првопласиран во Западната конференција со скор 20-11.

NBA FAN
Димитар Младеновски