Од синоќешната NBA програма ги издвојуваме најинтересните.
Далас Маверикс гостуваше во Феникс. Во дуелот на ланските плејоф противници беше неизвесно до последните секунди. Гостите од Тексас водеа со 22 поени предност но успеаа да ја “прокоцкаат” шансата за убедлив триумф. “Сонцата” направија фуриозен “кам-бек” и сосема заслужено славеа со 107:105. Прв стрелец (очекувано) беше Девин Букер со 28 поени и 9 асистенци а вистинско изненадување беше играта на новодојдениот Демион Ли кој постигна 11 поени (сите во последната четвртина).
Чикаго пристигна во Мајами без својот најдобар играч, Зек Лавин. Играта на Демар Дерозан беше повеќе од доволна “биковите” да заминат од Флорида со кренати глави. Дерозан имаше одлична претстава сочинета од 37 поени и 9 асистенции за победа од 116:108.
Њу Орлеанс Пеликанс, уште во првиот натпревар во сезоната покажа дека ќе треба сериозно да се смета на нив. На гостувањето во Бруклин, младите “пеликани” славеа убедливо со 130:108. Во своето официјално враќање на теренот (по пауза од повеќе од една година) Зион Вилијамсон постигна 25 поени а прв стрелец за тимот од Луизијана беше Брендон Инграм со 28 поени.
Денвер доживеа тежок пораз на гости од Јута која беше тежок аутсајдер на овој натпревар. Домашен триумф во Солт Лејк Сити од 123:102. Седум играчи на “џезерите” имаа двоцифрен број на поени, а водечки беше Колин Секстон кој во својот прв натпревар во новиот дрес постигна 20 поени за само 21 минута помината во игра.
Најнеизвесниот натпревар синоќа се одигра во “Фед Екс Форум”, во Мемфис. На дуелот помеѓу “гризлис” и “никси” не беа доволни 48 минути за да се реши победникот. По дополнителните 5 минути игра, домаќините го издржаа отпорот на момците од “големото јаболко” и триумфираа со 115:112. Џа Морент имаше одлична вечер постигнувајќи 34 поени и 9 асистенции и беше најзаслужен за премиерната победа во сезоната.
NBA FAN
Димитар Младеновски