Рано утрово, се одиграа четири NBA натпревари.
Само 24 часа откако ги одмерија силите, Сан Антонио Спарс и Лос Анџелес Лејкерс повторно се најдоа еден против друг.
Во исклучително ефикасен меч, “лејкерси” повторно славеа, овој пат со 143:138.
Леброн Џејмс беше водечки со 39 поени и 11 скокови а во своето деби сезонава, Германскиот репрезентативец Денис Шрудер постигна 21 поен.
На натпреварот не настапи Ентони Дејвис.
На спротивната страна, најефикасен беше Келдон Џонсон со 26 поени.
Во дуелот помеѓу најмладите тимови во лигата, Хјустон Рокетс ги пречека Оклахома Сити Тандер.
Балансираниот напад на домаќините, кај кого шест играчи имаа двоцифрен број на поени беше клучен за тимскиот успех.
“Ракетите” победија со 118:105, а најефикасен беше Џејлен Грин кој постигна 28 поени и (рекордни за него) 9 асистенции.
Кај “грмотевиците” кој го претрпеа четвртиот пораз во последните пет натпревари, водечки беше Шеј Гилгес-Александер со 32 поени.
Најинтересниот натпревар се одигра во Аризона.
Првопласираниот Феникс ја пречека Јута, во меч на кој неизвесноста беше присутна до самиот крај.
Победа на “сонцата” од 113:112 за нивни четврти триумф едно по друго.
Ди Андре Ејтон беше најзаслужен за тимскиот успех рализирајќи “дабл-дабл” од 29 поени и 21 скок. Несебична помош доби од првиот стрелец во тимот, Девин Букер кој постигна 27 поени а имаше и 11 успешни додавања.
Кај “џезерите” кој го претрпеа четвртиот пораз по ред, Џордан Кларксон беше најефикасен со 22 поени.
Торонто Репторс го пречека Далас Маверикс.
Домаќините беа поуспешни со 105:100. Најдобри кај “репторси” беа Оу-Џи Ануноби и Фред Ван Влит кој постигнаа по 26 поени.
На спротивната страна (како многу пати сезонава) единствен расположен за игра беше Лука Дончич кој постигна 24 поени и 9 асистенции.
NBA FAN
Димитар Младеновски