Управата за извршување санкции десетина дена по инцидентот којшто се случи во Истражниот затвор Скопје, во кој учествуваа и поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, излезе нови детали околу настаните.
По разговорите со вработените и директорот на затворот биле изготвени препораки за зајакнување на безбедноста, а ќе се бара и одговорност од повеќемина инволвирани во настанот. Повеќе детали за безбедносните процедури не се наведуваат поради опасност од безбедносен ризик, наведуваат од Управата.
Во меѓувреме е обезбедена целосна документација: службени белешки, изјави од службени лица од КПУ Затвор Скопје и припадници на затворската полиција, медицински известувања и снимки од камерите во ходниците и шеталиштата каде што се случиле инцидентите, а бил извршен и разговор со директорот на КПУ Затвор Скопје.Службените лица не разговарале со притворените лица поради фактот што тие се наоѓаат на издржување на мерката притвор, а согласно член 180 од Законот за кривична постапка, надзор над притворениците врши претседателот на надлежниот првостепен суд.
Според сознанијата добиени од службените лица од затворот во Шуто Оризари, Јанакиески и Ристовски биле примени на издржување на мерката притвор на 20 февруари во 22 часот, по што биле сместени во притворските простории.
,,Согласно проценката на сите параметри кои се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени. Претходно, притворениот М.Ј бил сместен во просторија која на шеталиштето се среќавала со просторија во која престојувало едно лице осудено во кривичниот предмет „Диво Насеље“ и во текот на претходно изречениот притвор, немало никаков никаков проблем во текот на нивните средби”, наведуваат од Управата.
Првиот настан се случил околу 11.10 часот – инволвираните во инцидентот биле спречени и разделени и од другите притвореници и од страна на затворската полиција. Спиро Ристовски побарал средба со својот адвокат и одбил да биде однесен на преглед во болница. Во 14.12 часот се случува вториот инцидент, но овој пат останатите притвореници не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција.
,,За овој настан има изјави од инволвираните кои имаат спротивставени тврдења за тоа кој го започнал вербалниот инцидент”, велат од Управата.
По разгледувањето на Извештајот од КПУ Затвор – Скопје, Управата изготви сопствен Записник од извршениот вондреден стручно-инструкторски надзор во КПУ Затвор, во кој се наведени согледувањата на УИС во врска со инцидентите од 21 февруари.
,,Во Извештајот на КПУ Затвор – Скопје, како и записникот на УИС се опишани безбедносните процедури на КПУ Затвор – Скопје, кои не може да се споделат јавно поради опасност од безбедносен ризик, како и елементи кои може да бидат дел од натамошна постапка од други државни органи, поради кои не може да бидат интегрално пренесени во јавноста”, соопшти Управата.
До директорот на затворот се доставени препораки до директорот кој во моментот е во оставка која ќе биде констатирана по завршувањето на претседателските избори, односно во моментот кога ќе може да биде назначен нов директор.
Во овие препораки, Управата бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот кои допуштиле вакво сценарио. ,,Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ Затвор Скопје веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност. Дадени се препораки и за дополнително зголемување на безбедноста на затворот, со тоа што одсега секоја просторија за престој ќе биде сама на шеталиштето со дополнително присуство на службено лице”, додаваат од Управата.
Како што дознаваме, Управата препорачува редовните прошетки на затворениците да се спроведуваат во помали групи – по двајца или четворица притвореници што делат иста соба. Во иднина на дневните прошетки не ќе може во исто време да бидат изнесувани притвореници од други соби, а за време на прошетката ќе биде задолжително со нив да има и некој од затворските чувари. Доколку нема услови за придружба, притворените лица не ќе смее да ја напуштат собата во притворскиот дел на истражниот затвор во Шуто Оризари.
Инцидентите се случија пред една недела за време на прошетката во затворот, која трае два часа во денот. Јанакиески и Ристовски во одделни инциденти првин почнале вербална расправија со осуденици за „Диво Насеље“, која потоа преминала во физичка пресметка.
По настаните, Ристовски е сместен во т.н. хашка соба, а Јанакиески е пуштен во домашен притвор.