Императорот против своите демони!

1417

Приказна за моќниот напаѓач кој можеше да биде сопрен од само еден противник.
Самиот себе.

Адриано Леите Рибеиро – “Императорот”.
Напаѓачот познат по неговите атомско силни удари со левата нога.
Еден од најдобрите офанзивни фудбалери во средината на 2000-тите. Имаше пет плодни сезони во Сериа A, настапувајќи за Фиорентина, Интер и Парма.
Го добива прекарот “Император” поради неговите сјајни перформанси. Освојува четири “скудета” со Интер, и две шампионски круни во домашниот Бразил настапувајќи за Фламенго и Коринтијанс.Адриано својата професионална кариера ја започна во Фламенго 2000-тата.
Набрзо обезбедува преселба во еден од најсилните тимови во Италија, милански Интер пред почетокот на сезоната 2001-2002.
Истата година беше позајмен во Фиорентина, формирајќи импресивно напаѓачко дуо со Адријан Муту. Постигнува 22 гола на 36 настапи во премиерната сезона во Сериа А.Се враќа во Интер во 2004-та година, со четиригодишен договор вреден 24 милиони евра. Постигнува 12 голови во сезоната 2003-2004.
Следните две години, Адриано беше во врвна форма постигнувајќи вкупно 42 погодоци на домашните и меѓународните натпреварувања.
Го завзема шестото место во изборот за играч на годината на ФИФА, во 2004-та.
Добива нов богат договор од Интер со трајност до 2010-та година.

Дебитирајќи за Бразил на 18 годишна возраст, Адриано се сметаше за догоречен наследник на (легендарниот) Роналдо.
Токму во отсуство на “Феноменот”, тој ја предводеше својата репрезентација до првото место на “Копа Америка” во 2004 година, добивајќи ја “златната копачка” како водечки стрелец на натпреварувањето постигнувајќи седум голови.

Адриано го освои и Купот на конфедерации на ФИФА, веќе во следната година (2005) повторно добивајќи ја “златната копачка” како водечки стрелец на натпреварувањето со пет погодоци.
Пред Светското првенство во 2006 година, беше дел од офанзивниот “магичен квартет” на Бразил заедно со Роналдо, Роналдињо и Кака, кој на крајот (за жал) беше елиминиран во четврт-финалето. Koга на дело сите ја видоа неговата моќ, доаѓа страотен удар кој засекогаш го разниша нашиот херој.“Го видов во неговата соба откако го доби тој (телефонски) повик. Го фрли телефонот на земја и вресна.
Не можете да замислите таков крик!
Неговиот татко беше мртов.
Не болеше сите но, него незамисливо многу. Тој беше нашиот помал брат. Продолжи да игра фудбал, да постигнува голови, да покажува кон небото посветувајќи му ги погодиците на татко му.
Иван Кородоба за него рече дека е микс помеѓу Роналдо и Златан (Ибрахимовиќ).
Дали сте свесни дека можеше да стане најдобар на сите времиња!?
Мојот најголем пораз во кариерата е што не успеавме да го извлечеме од депресија” – Хавиер Занети (капитен на Интер) Август 2017 год.

Доаѓаат тешки денови.
Падот на неговата игра се совпаѓа со смртта на неговиот татко.
Лоши настапи, многубројни прашања и безброј шпекулации.
Адриано повеќе не е истиот.
Дали страда од лоши навики? Дали неговата работна етика е дискутабилна?
Откако два пати беше забележан како лудо се забавува во ноќни клубови (во текот на сезоната 2006-2007) медиумите сериозно го осудија.
Почнува да пропушта тренинзи. Откако пристигнуваат информации за борбата на Адриано со алкохолизмот, сопственикот на Интер, Масимо Морати (разочаран од новонастаната ситуација) во Ноември 2007-ма година го испраќа на неплатено отсуство во неговиот роден Бразил.

Стигнуваат добри вести. Адриано е позајмен на Сао Паоло со надеж дека ќе ја врати физичката (а пред се ментална) подготвеност.
Настануваат нови проблеми, инциденти, исклучувања и недисциплина. Преминува во Фламенго, тимот каде ја започна својата кариера. Постигнува голови и ја забавува публиката.
Се враќа во игра и постигнува хет-трик на три натпревари во натпреварувачката 2009-та.
Во Јуни 2010 се враќа во Италија, овој пат во дресот на Рома.

Иако Адриано потпиша тригодишен договор со “римската волчица”,  тој во Рим остана само една сезона. И покрај сета физичка сила која ја поседуваше, “Императорот” попатно изгуби нешто драгоцено. Жарот во очите и љубовта кон играта повеќе ја немаше.
Изјави дека долги години се бори со депресијата и дека оваа магична игра ја играл за да го усреќи својот татко, кој повеќе го нема. Неговиот талент делуваше дека има свој рок на траење.
Жртвувањата кој ги правеше, како врвен спортист (како дел од неговата рутина) ги чувствуваше како неподносливо ограничување.
Адриано беше тука, но неговото срце на некое друго место.

Во 2011 потпишува за Коринтијанс, и помина тежок период на рехабилитација по повредувањето на Ахиловата тетива. По шест месечна пауза се враќа во тимот.
Неговата незаинтересираност беше главна причина клубот да се ослободи од него.
Во 2012 доаѓа во Фламенго, каде се задржува нецели три месеци. Следуваат два кратки “излети” во Атлетико Паранаенсе и Мајами Јунајтед по што и официјално става крај во 2016-та година.

“Играв со големи шампиони. Гледав големи таленти како и големи борци.
Но, она што беше Адриано кога бев во Интер, она што го правеше тоа момче не го можеше никој. Шут од секој агол, моќ во борбата со противниците.
Никој не можеше да му земе топка. Тој беше чисто животно” – Златан Ибрахимовиќ – (соиграч на Адријано во Интер)

Адриано беше комплетен, разноврстен и модерен напаѓач.
Одлично ги комбинираше темпото и физичката способност, пред се со фантастична работа на нозете и одлични технички вештини.
Беше доминантени и моќен.
Го доби својот прекар по познатиот римски император Адријан, за време на неговиот престој во Италија.
Беше надарен левак, со одлична контрола над топката, способност за дриблинг и непресушна креативност.
Прецизен изведувач на слободни удари, ефикасен во воздушните дуели, и добар асистент.
Во својата младост се сметаше за (можеби) најперспективниот играч во Светот.

Беше најавуван како легитимен наследник на големиот Роналдо.
Неговите хедонистички навики и лудиот приватен живот го чинеа скапо. Борбата со депресијата, алкохолизмот и повредите го уништија неговиот пат кон врвот.
Од страна на експертите, се смета за најголемиот потенцијал кој не ги постигнал очекувањата.
Можеме само да замислиме колку моќно ќе владееше “Императорот” доколку судбината и неговите внатрешни демони не се испречија (толку рано) на неговиот пат кон доминација?

Димитар Младеновски