Белфаст гори: Ѕверски напад на Суданец предизвика големи антиемигрантски немири

95

Во Белфаст синоќа еруптираше гневот поради бранот свирепи напади од омраза врз британски граѓани. Само една недела откако во Саутемптон студентот Хенри Новак беше избоден до смрт, имигрант од Судан среде улица во Белфаст се обиде да му ја отсече главата на случаен минувач. Откако се прошири снимката на ѕверскиот напад, разгневени толпи палеле домови на мигранти.

Во понеделникот вечер тој вооружен со долг кујнски нож без јасна причина на улица го нападнал О’Гилви, го бодел во грбот и лицето, а потоа се обидел да му ја отсече главата. Жена го снимила ѕверскиот чин со својот мобилен телефон. По десетина секунди притрчале тројца мажи и со стап и клоци го совладале напаѓачот пред да интервенира полицијата. О’Гилви сè уште е во критична состојба, со сериозни повреди од убоди во вратот, лицето и грбот.

Учесниците во антимигрантските протести во Белфаст запалија автобус на градскиот превоз, повеќе возила, меѓу кои и полициски, како и неколку куќи, објави весникот „Белфаст телеграф“, повикувајќи се на агенциски извештаи.

Протестите во главниот град на Северна Ирска избувнаа по напад со нож што, според медиумските извештаи, го извршил имигрант од Судан.

Весникот објави фотографии од запалено полициско оклопно возило погодено со молотов коктел, како и од опожарени полициски и приватни автомобили и трактор.

Според денешното издание на весникот, жители од источниот дел на Белфаст биле евакуирани поради пожар.

„Би-Би-Си“ објави дека низ улиците на истиот дел од градот минувале стотина маскирани лица, кои удирале по вратите и кршеле прозорци на куќи. Притоа тие извикувале повици „да се избркаат странците“.

Телевизијата „Скај њуз“ јави дека бил запален и супермаркет во кој се продавале производи од Блискиот Исток.

Весникот „Тајмс“ објави дека антимигрантски протести биле одржани и во Глазгов и Единбург во Шкотска, додека „Дејли мејл“ објави фотографии од демонстранти собрани во Лондон и Саутемптон.