Профил на Филипо “Пипо” Инзаги

2108

Напаѓачот кој својот играчки пат го помина во неколку италијански клубови. Патот кон ѕвездите го проби како играч на Јувентус. Вистинска магија приреди во долгиот период кога настапуваше во големиот Милан.
Светски шампион.
Единствениот
Супер Пипо Инзаги!

Како млад и надежен фудбалер, омилените играчи на Инзаги биле вистински фудбалски легенди како Марко Ван Бастен и Пауло Роси. Како постар брат на уште едно звучно фудбалско име (Симоне Инзаги), своите професионални почетоци ги имаше далечната 1991 година. Тогаш како тинејџер оствари два настапи за Пјаченца пред да биде позајмен на Албинолефе со кого постигна импресивни 13 голови во само 21 одигран меч.

На 19 годишна возраст, Пипо се пресели во Серија Б каде во дресот на Хелас Верона постигна 13 голови на 36 настапи. Се враќа во Пјаченца. Постигнува уште 15 погодоци помагајќи му на својот тим да јас освои Серија Б, и да се промовира во прволигаш. Докажува дека има повеќе од надежна и возбудлива иднина. Италија осознава нов млад и исклучително перспективен играч.

Во 1995 година потпишува за Парма. И покрај високите очекувана постигнува само 2 гола на 15 натпревари. Еден од тие два гола, “падна” против неговата Пјаченца. Погодок кој не го прослави, туку буквално го расплака.

Следува вистински шок. Се сели во Аталанта, и станува најдобар стрелец на италијанското првенство со 24 погодоци. Беше единствениот играч кој успеал да биде стрелец против секој клуб во Серија А.
Се закитува со наградата за најдобар млад фудбалер во Италија, со што ја заслужи капитенската лента на својот последен натпревар за Аталанта.

Доаѓањето во Јувентус го искачи во светскиот фудбалски крем.
Го освојува “Интертото” купот во 1999 година. Постигнува неверојатни 5 погодоци во полуфиналето против Ростов, и два во финалето против француски Рен.
Во тековното домашно првенство бележи, 15 погодоци а неговиот нов клуб, за “влакно” ја губи титулата од Лацио, претрпувајќи пораз во последниот натпревар од сезоната. Најважно од се за “бјанко-нерите” беше неговото одлично пријателство со тимската икона, Алесандро Дел Пјеро.

И покрај тоа што постигна 90 погодоци во црно/белиот дрес, доаѓањето на младиот и надежен француски напаѓач, Давид Трезеге, го пресели Инзаги на клупата за резерви. Од таа причина, на 2-ри Јули 2001 година го прави круцијалниот потег во својата кариера, потпишувајќи за Милан. Од тука неговата професионална и животна приказна добива една сосема нова димензија.

Несреќната повреда на коленото го одалечува од терените скоро половина година. По конечното (и долгоочекувано) враќање, формира фантастичен напаѓачки тандем со украинскиот ас, Андриј Шевченко. Под водство на стратегот Карло Анчелоти, Милан почнува да доминира на Европска сцена освојувајќи буквално се што може да биде освоено.
Ја освојува лигата на шампионите против својот поранешен тим, Јувентус. Победата е двојно послатка. Во 2003-та го освојува и суперкупот како и скудетото на Италија. Постигнува (рекорден) трет хет-трик заокружувајќи ја златната сезона 2003.

По маестралните игри, во Ноември 2004 година (апсолутно заслужено) добива нов договор од тимот. Се рехабилитира комплетно од незгодните повреди. Следува “предаторска” форма која ја заокружува со финале во лигата на шампионите каде ги посигнува двата гола за својот состав. Победнички повторно застанува на Европскиот трон. Росонерите делуваат непобедливо.

Во 2007 година е сеуште во фантастична форма. Го освојува светското клупско првенство против тимот на Бока Јуниорс. Беше клучен и следната (2008) година, за освојувањето на суперкупот против Севиља. На 24 Февруари 2008 година, влегувајќи од клупата за резерви на мечот против Удинезе, го постигнува љубилејниот 100-ти гол за црвено/црните. И покрај неверојатната форма, раководителот на репрезентацијата (Роберто Донадони) не го повика на Европското првенство ’08. Потпишува нов договор со Милан.

Следува силна 2009 година. Го постигнува својот 300-ти погодок во кариерата. Следуваат два хет-трика по ред. Медиумите го оправдуваат епитетот кој го следи. “Супер Пипо” станува играчот со најмногу “хет-трикови” во последните 25 години.
Во 2010 само ја потврдува својата големина. Го поминува својот идол од детството (Марко Ван Бастен) на клупската листа на најдобри стрелци на сите времиња со неверојатни 125 погодоци.

На 10 Ноември 2010 година, претрпува тешка повреда. Го кине предниот вкрстен лигамент на коленото и следи долго отсуство. На воодушевување на сите, се враќа на теренот по само 6 месеци пауза.
Истата година, Милан повторно ја освојува италијанската круна. Не добива нова понуда за соработка. Го игра својот последен натпревар за Милан во Мај 2012 година. На 24 Јули 2012 се повлекува од професионалниот фудбал воедно објавувајќи дека ќе започне тренерска кариера. Вкупно постигнува 202 погодоци како напаѓач на “росонерите”.

Од 2013 година до денес, Пипо Инзаги е главен менаџер. Го водеше својот Милан, Венеција, Болоња, потоа Беневенто а во Јуни 2021 година стана главен тренер на Бреша. Следната сезона се сели на клупата на Реџина, пред во 2023 година да седне на клупата на Салернитана.
Како репрезентативец на Италија го освои Светското првенство во 2006 година како и среброто на Европското 2000. На меѓународно ниво имаше 57 настапи од 1997 до 2007 година. Во дресот на својата земја постигна 25 голови.

Освен фантастичната игра на теренот, Пипо беше и вистински заводник надвор од него.

Неговиот успех многумина го препишуваат на техничката моќ, интелегенцијата и одлучноста во играта.
Опортунистички стил и бескрајна желба за победа.
Страст која гори противници. Вешт и екстремно брз.
Вистинска легенда.
Еден и единствен.

 

Димитар Младеновски