Срушена неаполската Гомора: Тука полицијата не смеела да пријде! Скампија била престолнина на дрогата, насилството и мафијата

319

Булдожери денес почнале да ја рушат станбената населба на периферијата на Неапол, позната по врските со локалната мафија.

Механички копачи ја урнале фасадата на една од бетонските кули во облик на џиновски едрилици, во квартот Скампија, кој бил центар на илегална трговија со дрога во Италија и ја инспирирал хит серијата од 2014-та година “Гомора”, пренесува Reuters.

Станбеното здание познато како “Јадро на Скампија” е градено во 60-тите и 70-тите години од минатиот век и станало синоним за сиромаштијата и насилството во неразвиениот југ на Италија.

Трите оригинални кули биле урнати пред речиси 20 години, додека четири останале недопрени.

Градските власти сега одлучиле да отстранат уште три блока и да остават само еден за потомство, кој ќе биде претворен во канцеларија за јавни служби.

На местото на урнатиот станбен комплекс планирано е да се изградат паркови, училишта и ниски згради.