NBA колумна на Димитар Младеновски-Потенцијалот и кариерата на Дерик Колмен

956

Дерик Деметриус Колмен, роден 21-ви Јуни 1967 година во Мобајл (Алабама). Израснат е во Детроит (Мичиген) каде ги прави своите кошаркарски почетоци, во средното училиште “Нортен”.

Сметан за еден од најперспективните млади крилни играчи во државата, Колмен се решава за универзитетот Сиракјуз каде на дело го покажува својот раскошен талент. Беше вистински прототип на моќен крилен центар. Леворак стрелец од 208 цм. со мек шут и широк арсенал на потези во рекетот. Таму помина 4 години, во секоја од нив имаше рапиден пораст во играта како и во бројките. Беше прогласен и играч на годината (во 1989 година).

Легендарниот тренер на “портокаловите”, Џим Бејхем, тврди дека во богатата историја на колеџот, ниту еден играч немал поголемо влијание од Дерик Колмен.
Неговиот дрес со број 44 е повлечен од употреба, помеѓу легендите. Сосема очекувано, на драфтот 1990 година беше прв избор, од страна на Њу Џерси Нетс.

Њу Џерси Нетс (1990-1995)

Уште во првата сезона на професионално ниво, Колмен го покажа својот потенцијал. Реализираше просечен “дабл-дабл” учинок од над 18 поени и 10 скокови по што (сосема заслужено) беше одбран за дебитант на годината. Во втората сезона, му се приклучи одличниот плејмејкер, Кени Андерсон со кој развија големо пријателство. Освен Колмен и Андерсон, “Нетси” во тимот ги имаа младите и талентирани Муки Блејлок, Крис Морис како и група искусни ветерани како Тери Милс, Крис Дадли и Сем Боуви.

Њу Џерси стана сериозен конкурент по пристигнувањето на Дражен Петрович кој по одличните игри (во својот играчки зенит) го губи животот во сообраќајна несреќа. Колмен и Андерсон, по трагичниот настан го водат тимот кон “плејофот” и стануваат еден од најдобрите поентерски тандеми во NBA.Двајцата стануваат и “Аll-Star” играчи. Во првите 5 сезони, популарниот “Ди-Си” константно бележеше “дабл-дабл” учинок и сосема заслужено беше вбројуван помеѓу најдобрите крила во лигата.
Летото 1994 добива посебна чест, да ја претставува својата земја на Светскиот шампионат во Торонто (Канада). Колмен го освојува златниот медал со т.н. “Dream team 2”.

По репрезентативниот успех, следува сезоната 1994/1995 во која Колмен повторно бележи одлични бројки но, тимот не бележи значителен успех.
Се погласни беа тогашните шпекулации дека управата на “мрежичките” немаат намера да ги продолжат договорите на своите најдобри играчи. Најпрво се ослободија од Кени Андерсон кој го испратија во Шарлот. Набргу потоа се разделија од свот лидер.
На 30-ти Ноември 1995 година, Дерик Колмен е “трпампан” во Филаделфија.

Филаделфија 76ерс (1995-1998)

Доаѓањето на Колмен во Пенсилванија беше најавено како големо засилување за “сиксерси”. Првата сезона (1995/1996) во новата средина беше разочарувачка.
На силното крило, по само 6 одиграни натпревари му беше констатирана нерегуларна работа на срцето. Управата на клубот реши да го повлече од активниот ростер и да го подложи на серија испитувања.

Тој се врати по 40 дневна пауза и по само 5 одиграни натпревари се здоби со повреда на левата дланка по што ја заврши сезоната со (само) 11 изиграни натпревари. Од натпреварите во кој играше, Филаделфија успеа да победи во само еден натпревар. Во периодот кој паузираше (речиси цели 10 месеци) Колмен драстично ја зголеми телесната тежина.

Наредните две години, Колмен беше стандарден во стартнaта петорка и реализираше преку 18 поени и 10 скокови по натпревар. Филаделфија беше тим во налет со својот нов и млад “суперстар”, Ален Ајверсон кој го обожуваше “Ди-Си”.
За многумина беше вистинско изненадување што по сезоната 1997/1998 “сиксерси” не го задржаа во составот. Колмен ја менува средината и потпишува договор со Шарлот Хорнетс.

Шарлот Хорнетс (1998-2001)

Периодот во Северна Каролина беше специфичен за Колмен. Во најголем дел од натпреварите беше стартер но, неговата форма беше променлива.
Константно беше коментирана неговата кондициска подготвеност.

This image has an empty alt attribute; its file name is Untitled.jpg

Во 1999 година повторно се појавија нерегуларности со работата на неговото срце по што отсуствуваше одреден период.
Во 2000 година преживеа сообраќајна несреќа и беше полесно повреден заедно со соиграчот Елдриџ Рекаснер. Рекаснер заработи фрактура на рамото кое го одалечи 2 месеци од теренот.
Управата и медиумите “збеснаа” откако разбраа дека Колмен возел во алкохолизирана состојба.
На тоа Колмен изјави дека единствено се крева прашина бидејќи се работи за инцидент во кој учествуваат професионални кошаркари.
Според него, “медиумите ги држат NBA играчите под микроскоп” при тоа без да ја превземе одговорноста за случајот кажувајќи дека “на секој може да му се случи незгода”.
Следуваа несогласувања и јавни критики од тренерот Пол Сајлас.
По константните проблеми, сите со ентузијазам ја очекуваа сезоната 2000/2001 која требаше да биде година на позитивни промени.

Колмен настапи на само 34 минути (со најниска минутажа во досегашната кариера – 20 мин. по натпревар) и прескромни 8 поени по меч. По информациите дека ресторан во Детроит го тужи крилниот центар поради “лошо однесување”, на управата “и дојде преку глава”. Во комплексна размена, на 25-ти Октомври 2001 година го враќа назад во Филаделфија. Крајот на неговиот престој во Шарлот беше крајно разочарувачки и неславен.

Враќањето во Филаделфија (2001-2005)

Со враќањето во “старо – новиот” дрес се врати минутажата како и желбата за игра на Колмен. Во сезоната 2001-2002 тој игра одлично и повторно е близу до просечен “дабл-дабл” учинок. Тогаш, како 34 годишен ветеран, Колмен е исклучително корисен за тимот. По пристигнувањето назад во Пенсилванија, станува далеку посмирен и делува далеку позрело.”Сиксерси” иако сe пласираат во “плејофот”, не успеваат да направат конкретен продор во него.

Набргу следуваат проблеми со повредите. Во две сезони, пропушта вкупно 66 натпревари поради константи проблеми со скочните зглобови и колената.
Во оваа фаза на својата кариера ја губи брзината и агилноста во рекетот. На 4-ти Август 2004 година Филаделфија (по негово барање) го испраќа во “својот: Детроит.
По само 5 одиграни натпревари во сезоната 2004/2005, Детроит Пистонс го ослободува од обврските. На 37-годишна возраст, ветеранот става крај на професионалната кариера.

РЕЗИМЕ

Кога пристигна во лигата, го споредуваа со (кошаркарски величини како) Карл Мелоун и Чарлс Баркли.Како плус во неговата игра беше мекиот шут кој го поседуваше. Неговиот потенцијал беше неспорен.
Неговата работна навика и однесување беше под знак прашалник.
Повредите и инцидентите го забавија неговиот напредок.
Според експертите, “Ди-Си” никогаш не беше 100% посветен на играта.
По 15 години поминати во лигата, просекот од 16.5 поени и 9.3 скокови делува прескромно со оглед на талентот и потенцијалот кој го поседуваше.

Престижниот “Sports Illustrated” го опиша на најдобар начин.
“Колмен можеше да биде најдоброто високо крило кое играло кошарка.
Место тоа, тој стана играч кој играше доволно добро за да ја обезбеди следната плата.”

По завршувањето на кариерата стана инвеститор и претприемач во Детроит. Повремено се појавува како аналитичар.
Дерик Колмен, еден од најголемите таленти на крилната позиција.

NBA FAN
Димитар Младеновски