Маркус Дион Кемби, роден на 22 Март 1974 во Харфорд, Конектикат. Уште во средошколските денови Кемби го покажа својот потенцијал.
На универзитетот Масачусец ја воодушеви кошаркарската јавност со својата скочност, мек шут (иако имаше атипично и специфично исфрлање на топката) како и чувство за игра во одбраната. И покрај својата висина од 211 цм. Кемби поседуваше повеќе од солидно водење на топката, одлична контрола и високопроцентна реализација во рекетот.
Беше избран за универзитетски играч на годината (1996-та година) а на драфтот беше селектиран како втор пик од страна на Торонто Репторс.
Торонто Репторс (1996-1998)
Во првите две сезони Кемби го покажа својот неспорен талент, посебно во одбраната каде во својата втора сезона како професионалец (на само 23 години) беше прв блокер во NBA, со просечни 3.7 блокади по меч. Во нападот одлично соработува со бекот Дејмон Стадемаер. Mногумина видоа светла иднина во младиот тандем на “Рептилите” но, не и управата на тимот.
Тимот од Канада се реши да доведе искусен ветеран кој ќе помогне на младите играчи па така (во летото 1998 година) го доведе Чарлс Оукли но, цената ја плати со младиот Кемби кој заврши во “големото јаболко”.
Њу Јорк Никс (1998-2003)
Во првата сезона како играч на “Никси”, Кемби му помогна на тимот да се пласира во големото финале како осмопласиран тим во конференцијата. Тоа е прв и единствен таков случај во историјата на NBA. Во отсуство на повредениот Петрик Јуинг, тој ја пополни центарската позиција и беше вистинско позитивно изненадување.
Во четирите сезони кој ги помина во Њу Јорк, Маркус речиси редовно имаше просечен “дабл-дабл” учинок но, често знаеше да отсуствува поради повреди. Започнаа дискусии дека високиот центар е во “тајна војна” со лекарскиот состав на тимот кој (според него) често не ги дијагностицирал навремено и прецизно неговите здравствени проблеми. Од тие причини, во сезоната 2002/2003 Кемби одигра само 29 натпревари пред да биде испратен во Колорадо.
Денвер Нагетс (2002-2008)
Уште на самиот старт се покажа дека присуството на квалитетен центар во голема мера ќе ја подобри играта на (тогаш) младиот тим на “Нагетси”. Клубот го драфтуваше Кармело Ентони кој за кратко време се промовира во голема ѕвезда. Пријателството и соработката со Кемби беше една од главните причини што Денвер почна да има се поголем успех. Во тимот се приклучија Кенјон Мартин а подоцна и Ален Ајверсон на што беше придодадена солидна клупа со резервни играчи што ги направи “Нагетси” сериозен конкурент на Западот.
Во сезоната 2006-2007, Маркус Кемби ја доби наградата за “Дефанзивец на годината”. Во периодот за кој настапуваше во Колорадо, тој уште три пати беше најдобар блокер во лигата.
Во сезоната 2008-2009 Денвер беше на чекор до големото финале но, загуби од идниот шампион Лос Анџелес Лејкерс.
И покрај неспорниот импакт кој го имаше врз тимот мора да се има во предвид дека Кемби (во тоа време) беше еден од најдобро платените центри во лигата. Тимот беше спремен за промени и тогаш се реши да го испрати 34-годишниот центар во Лос Анџелес Клиперс.
Лос Анџелес Клиперс / Портланд / Хјустон / Њу Јорк (2008-2013)
Во оваа фаза од неговата кериера, Кемби се сметаше за важен дел од тимскиот нуклеус во било која средина каде настапуваше.
Неговото непроценливо искуство и (сеуште) солидна одбрана беа исклучително ценети. Дури 80% од натпреварите ги започнуваше во стартната петорка. Кариерата ја заврши во дресот со кој се проби во NBA елитата, Њу Јорк Никс. Става крај на кариерата во 2013 година, на 38 годишна возраст.
РЕЗИМЕ
Маркус Кемби ќе остане запаметен како одличен дефанзивен играч, со мек шут. Важеше за дисциплиниран работник, голем мотиватор и исклучителен професионалец. Одигра цели 17 сезони. Еден е од ретките центри кој се појавија при крајот на ’90-тите а успеаa да имаaт долговечна и продуктивна NBA кариера.
NBA FAN
Димитар Младеновски