NBA колумна на Димитар Младеновски-Приказната за Дарко Миличич

1308

Многумина ги интересира кој е играчот кој на (според повеќето) најсилниот драфт во историјата на NBA, беше втор избор пред многу NBA легенди?
Се работи за српски центар кој стана легендарен по своите постапки и комични изјави а не по својата игра на теренот. Ви ја пренесуваме неговата приказна.

Дарко Mилорад Миличич. Роден на 20 Јуни 1985 година, во Нови Сад (Србија).

Уште на 14 годишна возраст го покажува својот раскошен талент во тимот од Хемофарм Вршач. На нецели 16 години е повикан во сениорскиот тим. Со своите 213 цм, скочноста, брзината и разновидноста која ја поседуваше во играта набрзо стана еден од најпосакуваните млади играчи во Европа. Како левак со одличен шут претставуваше еден од најтешките играчи за чување.

На еден од најсилните драфтови во историјата, во 2003 година е избран како втор пик од страна на Детроит Пистонс. Пред него беше избран само Леброн Џејмс а по него идни величини како Кармело Ентони, Двејн Вејд, Крис Брош итн.

Детроит Пистонс (2003-2006)

Со самото доаѓање во Мичиген, младиот србин влета во состав кој беше еден од најсилните во лигата. Добиваше мала минутажа и не успеа да го покаже својот квалитет. Беше млад и суров талент со проблематични и сомнителни одлуки. Уште во својата прва сезона, Миличич беше во ростерот кој ја освои шампионската титула откако неговиот Детроит го победи Лос Анџелес Лејкерс со 4-1. Дарко, “ни крив ни должен” се закити со шампионскиот прстен.

Претседателот на тимот, Џо Думарс изјавуваше дека на младиот играч гледа како на важен дел од иднината на “Пистонси”. Многумина од раководството најавуваа поважна улога на Миличич во состваот како и поголема минутажа за него. Веќе во својата втора сезона, Миличич беше во главна улога но, на погрешен “терен”.

Место под обрачите, младиот центар e главен организатор на најлудите забави во Детроит кој најчесто се случуваaт во неговиот дом. По негови зборови, често имало преку 50 луѓе а Дарко познавал само неколкумина од присутните. Неговите соиграчи од Детроит (Ричард Хемилтон, Рашид Волис, Чонси Билапс, Тејшон Принс) многу пати ги имаат прераскажувано луди ноќи поминати во домот на српскиот репрезентативец.

На почетокот на својата трета NBA сезона, Миличич не само што ретко настапува туку во медиумите е главна тема откако купува луксузна јахта која ја уништува за помалку од еден месец. Се поочигледно стана дека иднината во тимот му е далеку од сигурна.

И покрај големата надеж и огромното трпение на челните луѓе на “пистонси”, Дарко Миличич никогаш не делуваше серозно и заинтересирано додека настапуваше во “градот на автомобилите”. По 25 натпревари и по само 5 минути кој во просек ги поминуваше на теренот, Миличич на 15 Февруари 2006 година е испратен во Орландо. Во дресот на Детроит Пистонс одигра вкупно 96 натпревари со просек од прескромни 1.6 поени по меч.

Орландо Меџик и Мемфис Гризлис (2006-2009)

Преселбата на Флорида беше повеќе од добредојдена за младиот центар. Неговата минутажа рапидно порасна а тој тоа го искористи да го зголеми својот просек на (сеуште скромни) 8 поени со близу 50% реализација од поле. Она што ветуваше е сериозноста и пристапот кон натпреварите. Неговата игра во одбраната значително се подобри. Во првите 20 натпревари во Орландо, Миличич имаше просечни 2.5 блокади по натпревар.

Во дресот на Орландо сепак не се задржа предолго. “Магичните” најпрво му понудија нов договор но, набргу ја повлекоа понудата по што стана јасно дека Дарко повторно ќе ја промени средината. По година и половина и 110 одиграни натпревари се сели во Мемфис.

За тимот од Тенеси потпишува тригодишен договор во вредност од 21 милион долари. Управата на тимот веруваше во него. Повредата на ахиловата тетива и слабиот старт го префрлија на клупата за резерви а минутажата драстично му опадна. По одреден период, Миличич ја подобри формата но, следуваше нов пех. На 26 Декември 2008 година, во дуелот против Индијана Пејсерс го скрши зглобот на десната рака.

Фрустрацијата се повеќе се зголемуваше а раководството на тимот како и навивачите нема премногу трпение за српскиот репрезентативец. На 25 Јуни 2009 година, Миличич беше повторно разменет овој пат во Њу Јорк Никс и се упати кон “големото јаболко”.

Њу Јорк Никс и Минесота Тимбервулвс (2009-2012)

По само 8 натпревари одиграни за “Никси” беше повеќе од јасно дека нивната “љубов” нема да трае. Миличич често изјавуваше дека повеќе не се гледа во NBA и дека по завршувањето на договорот планира да се врати во Европа. На 17 Февруари 2010 беше разменет во Минесота Тимбервулвс.

Во Минеаполис, Миличич помина 2 и пол години и одигра вкупно 122 натпревари (од кој 90% како стартен центар). Добива нов договор и решава да остане во САД. Во тој период играта како и минутажата му беше многу променлива. Се повеќе беше очигледно дека Дарко нема мотивација за игра. Во една прилика лажираше повреда за неговиот добар пријател, Никола Пекович, да добие поголема шанса за игра. Незадоволството на управата на тимот ескалираше на летото 2012 година кога остатокот од договорот му беше откупен и стана слободен играч.

Во Септември 2012 година, доби покана за да му се приклучи на Бостон Селтикс. Се наоѓаше во добра форма и избори место во составот. Потоа следуваше изненадување за сите. По само еден натпревар во дресот на “келтите”, по негово барање беше ослободен од тимот. Тој еден натпревар за Бостон ќе биде и последен во неговата кариера.

По речиси цела година апстиненција од активно играње кошарка (во Јуни 2013) Миличич објавува дека става крај на професионалната кариера. Изјавува дека нема никаква љубов кон кошарката и дека во најголемиот дел од својата кариера не бил 100%  посветен и сконцентриран на играта. Се повлекува на 27 годишна возраст.

РЕЗИМЕ

Миличич претставува едно од најголемите разочарувања до сега. Важи за едно од најголемите промашувања на драфтот во историјата на NBA. Просекот од 6 поени и 4 скокови делува прескромно за потенцијалот кој го имаше.

Во текот на кариерата успеа да заработи цело богатство а и (сосема неочекувано) како дебитант стигна до тронот. До денес, претставува најмладиот играч кој успеал да ја освои шампионската титула.

Во 2014 година се појави во рингот на кик-бокс меч, кој го загуби. Потоа во 2015 година даде изјава дека се враќа на кошарката, во дресот на Металац Фармаком. Како и многупати претходно, несериозноста и незаинтересираноста исплива на површина па Милич се предомисли и не настапи на ниеден натпревар.
Во 2017 година започнува бизнис со земјоделство. Денес, поседува огромен овоштарник на кој одгледува јаболка. Тврди дека е среќен и дека конечно го нашол својот мир.

Дарко Миличич никогаш не ги оправда очекувањата но, едно е сигурно. Поранешниот најталентиран играч во Европа е посреќен и поисполнет од било кога.

NBA FAN
Димитар Младеновски