NBA-“Лејкерси” сеуште не знаат за победа (ВИДЕО)

332

Лос Анџелес Лејкерс го пречека Портланд Треил Блејзерс, во обид да стигне до својата прва победа сезонава.
Гостите од Орегон имаа поинакви планови. Во натпревар кој беше крајно неизвесен, Демиен Лилард приужи фантастична поентерска партија постигнувајќи 41 поен, втора вечер едно по друго.

Во последните 30 секунди од натпреварот имаше дури четири промени на водството. Најпрво Лилард погоди тројка “без коски” по што Леброн Џејмс израмни со положување. Следуваа поени на Џереми Грент на три секунди до крајот по што Леброн Џејмс имаше шанса да израмни но, неговиот обид беше безуспешен. Конечни 106:104 за “Блејзерси”.
Најпрецизен на мечот беше Лилард со 41 поен а на спротивната страна Џејмс постигна 31 поен и 8 асистенции. Со оваа победа Портланд има 3-0 во новата сезона додека “Лејкерси” паднаа на 0-3.

Актуелниот шампион, Голден Стејт Вориорс го пречека својот Калифорниски сосед, тимот на Сакраменто Кингс. “Воините” одиграа перфектно поентерско прво полувреме во кое постигнаа 89 поени.
Во вториот дел “кралевите” успеаа да се вратат во игра но, Стеф Кари не дозволи изненадување. Конечни 130:125 за домаќинот.

Најдобриот шутер на сите времиња постигна 33 поени а беше следен од Џордан Пул и Ендрју Вигинс кој реализираа по 24 поени. На спротивната страна, Диарон Фокс постигна 26 поени.

Кливленд и Вашингтон одиграа меч на кој победникот беше решен по дополнителни 5 минути игра.
Новата ѕвезда на “кавси”, Донован Мичел беше лидер на тимот со 37 постигнати поени и беше главна причина за домашна победа од 117:107 по продолжението. За тимот од главниот град, Бредли Бил беше најефикасен со 27 поени.

Феникс гостуваше во Лос Анџелес каде “Клиперси” беа во улога на домаќин.
“Сонцата” доминираа од самиот старт и сосема заслужено извојуваа висока победа од 112:95. Девин Букер повторно имаше одлично поентерско издание со 35 поени а Крис Пол на овој меч реализираше 11 асистенции и стана третиот играч во историјата на NBA кој ја надминал границата од 20.000 поени и 11.000 асистенции.

NBA FAN
Димитар Младеновски