Оние кои ја следеле кошарката во 90-тите, со сигурност се сеќаваат на Мич Ричмонд како не еден од офанзивно најспремните поентери во NBA лигата. Смел, решителен, силен и дисциплиниран. Ви го претставуваме убиствениот стрелец, Мичел Џејмс Ричмонд.
Избран како висок петти пик од страна на Голден Стејт Вориорс (во далечната 1988 година) на “Рич” не му требаше многу време да го покаже својот богат офанзивен арсенал. Беше прогласен за дебитант на годината во првата сезона носејќи го дресот на “воините”.
Познат како еден дел од триото “Run TMC” заедно со своите големи пријатели во Оукленд (Тим Хардавеј Сениор и Крис Малин), Ричмонд го предводеше атомски силниот напад на “воините” се до моментот на неговата размена пред почетокот на првенството 1993 година.
Неговото заминување во соседниот Калифорниски тим (Сакраменто Кингс) претставуваше вистинско изненадување за сите. Во период кога Ричмонд штотуку почнуваше да ита кон својот играчки зенит (на свои 27 години) беше разменет. Токму во дресот на “кралевите” тој ги имаше најсјајните денови во кариерата.
Стана шест кратен “Аll Star”. Сосема заслужено ја освои наградата за најдобар играч “MVP” на собирот на најголемите кошаркарски ѕвезди во Феникс, 1995 година.
Беше претставник на својата земја на олимписките игри во Атлатна (1996 година) и се закити со златниот медал. Веќе беше носител на брознен медал (од Олимпијадата во 1988 година) како колеџ играч на Канзас Стејт, од универзитетски денови. Претставуваше еден од најсилните бекови во тоа време, како и огромен проблем за противничките одбрани.
За многумина познавачи на кошаркарската игра, Мич Ричмонд претставуваше најслична верзија на Мајкл Џордан во офанзивниот дел на теренот. Од аспект на играта во нападот, “Рич” претставуваше незапирлива точка и встинска енигма за аналитичарите. Иако имаше далеку по импресивни играчи со силна градба и молневита брзина, комбинацијата која ја нудеше бекот шутер родум од Дерфилд (Флорида) изгледаше фантастично искомбинирана и балансирана.
За тоа колку беше почитуван од новинарите како и од кошаркарските работници, покажува податокот дека (во толку силна конкуренција) токму тој беше главен лик односно прв играч на насловната страна на прочуената видео игра од производителот EA Sports – “NBA Live” во 1997 година.
И по заминувањето од Сакраменто во Вашингтон, пред почетокот на сезона 1998/1999, “цврстиот камен” (како што го нарекуваа) остана запаметен како голем стрелец и убиствен шутер. Во три сезони поминати во главниот град на С.А.Д, Ричмонд речиси редовно се вбројуваше меѓу најуспешните поентери, (овој пат) во Источната конференција. Во дресот на “волшебниците” само го потврди својот потентен офанзивен арсенал. Мич Ричмонд имаше просечни 25 поени по натпревар, во 12 од вкупно 14 сезони кој ги помина на професионално ниво. Во кариерата постигна преку 20.000 поени што како податок доволно говори за неговиот поентерски квалитет.
Секогаш почитуван од соиграчите но, и од противниците. “Фер плејот” на Ричмонд стана дефиниција за правилно однесување на и надвор од теренот.Кариерата ја заврши како играч од клупата на (шампионскиот) Лос Анџелес Лејкерс. Ја “заокружи” својата професионална приказна како светски шампион. Се повлече на 36 годишна возраст со шампионски прстен и на самиот тимски пиедестал.
Во 2014 година беше избран како член во почесната “Хала на славните” меѓу најзаслужните за развојот на кошаркарската игра, односно во историски најелитното друштво.Неспорно е дека Мич Ричмонд остави силен печат во секоја средина каде што настапуваше. Денес ги имаме неговите најубави моменти во црно / виолетовиот дрес, на главниот град на прекрасната Калифорнија.
Бројот со кој настапуваше и ги воодушевуваше навиачите во “Арко арена” е повлечен меѓу великаните и никогаш повторно нема да биде употребуван. Легендарната “2-ка” на “Кингс-и”.
Уживајте…
NBA FAN
Димитар Младеновски