NBA колумна на Димитар Младеновски-Убиствениот Пеџа Стојакович

1168

Приказната за еден од најубиствените шутери во досегашната кошаркарска историја, Предраг “Пеџа” Стојакович.

Роден на 9-ти Јуни 1977 година, своите кошаркарски почетоци ги прави во Црвена Ѕвезда. Станува еден од најмладите дебитанти помеѓу сениорите, настапувајќи со првиот тим на (само) 15 годишна возраст. Во 1993-та година се сели во Солунски ПАОК каде ги воодушевува сите со својата зрелост и уникатност во играта. На 20 годишна возраст станува најкорисен играч во грчкото првенство. Се појасно станува дека е прашање на време кога ќе се пресели во NBA.

Беше избран како 14-ти пик од страна на Сакраменто Кингс на (според многумина) најсилниот драфт во историјата, во 1996-та година. Во 1998-ма година, Стојакович се сели во главниот град на Калифорнија.

Сакраменто Кингс (1998-2006)

Уште од самиот почеток, Пеџа го покажа својот прецизен шут од дистанца и за три поени. Во друштво на својот сонародник, легендарниот Владе Дивац, периодот на адаптација му беше полесен. Сакраменто како тим од година во година стануваше се подобар а во својата втора сезона, Пеџа доби далеку поголема минутажа и далеку поважна улога во нападот.

Во третата сезона на големата сцена, “кралевите” станаа еден од најголемите фаворити за титулата а Стојакович (со просек од 20 поени по натпревар) беше во конкуренција за наградата – “играч со најголем напредок во едно првенство”. Следната сезона стана и “Аll-Star” а во друштво на Крис Вебер, Владе Дивац, Мајк Биби, Даг Кристи, Хидо Туркоглу, Боби Џексон и останатите неговиот тим водеше “епски битки” против (тогашниот шампион) Лос Анџелес Лејкерс. Сакраменто во тој период ја играше најубавата кошарка во лигата а резултатите не заостануваа. Често беа и првопласирани но, за жал никогаш не успеаа да стигнат до големото финале. Некогаш недостасуваше среќа, некогаш имаше сомнителни судиски одлуки.

Пеџа во овој период стана еден од најубиствените шутери во NBA и општо признат како еден од најдобрите стрелци во лигата. Во два наврати ја освои наградата за најдобар “тројкаш” на “Аll Star” викендите а на собирот помеѓу најголемите ѕвезди се појави во три години по ред. По сериозната повреда на првата ѕвезда во тимот, Крис Вебер, управата на “кралевите” почна да размислува во насока на регрупирање на ростерот. Најпрво замина Вебер а потоа не беше продолжен договорот со Владе Дивац. Промените продолжија со трампа на Даг Кристи, по што “костурот” на тимот беше далеку од препознатлив.

На Пеџа договорот му беше пред истекување а раководството на тимот немаше желба да ги задоволи неговите потреби иако, навивачите на тимот инсистираа на задржување на српскиот репрезентативец. На 25-ти Јануари 2006 година, Стојакович беше испратен во Индијана во замена за Рон Артест (Мета Ворлд Пис). По 40 одиграни натпревари во дресот на “пејсерси”, дојдоа нови промени. Во Јули 2006-та година, Пеџа потпишува пет годишен договор со Њу Орлеанс, вреден 64 милиони долари.

Њу Орлеанс Хорнетс (2006-2010)

По пристигнувањето во Луизијана, Стојакович веднаш одлично се вклопи во тимот. Под диригентската палка на плејмејкерот Крис Пол, Пеџа уживаше во новата улога. Отворените шутеви во нападот ги користеше со висок процент на реализација и по само 20 натпревари во новиот дрес го постигна својот поентерски рекорд од 42 поени против Шарлот Бобкетс. Тимската хемија со новите соиграчи беше на врвно ниво, а посебно пријателство изгради со “високиот тандем” сочинет од Дејвид Вест и Тајсон Чендлер.

Во периодот кога настапуваше за “стршлените” Пеџа му помогна на тимот да се вброи помеѓу најсилните во Западната конференција. Како и во Сакраменто така и во Њу Орлеанс, недостигаше малку среќа за да се стигне до покасуваното големо финале. Неговото присуство беше од исклучителна важност а неговите совети како прекален ветеран беа секогаш прифатени од неговите помлади соиграчи.

Раководството на тимот беше решено пред завршувањето на неговиот актуелен договор да го испрати во средина каде ќе има шанса да го освои (толку посакуваниот) шампионски прстен. Тоа конечно се случи на 20-ти Ноември 2010 година. Најпрво беше испратен во Торонто Репторс но, набргу се случи сериозна преселба. По само два одиграни натпревари во тимот од Канада, Стојакович се сели во редовите на Далас Маверикс кој беше во шампионски налет.

Далас Маверикс (2011)

Во новата средина, Пеџа имаше намалена минутажа но (сериозно) важна улога. Настапи на сите натпревари од “плеј-офот” во кој во два наврати постигна преку 20 поени, носејќи му важни победи на тимот од Тексас. Во големото финале против големиот фаворит, Мајами Хит дојде до најголемиот предизвик во кариерата. “Мавси” го шокираа кошаркарскиот свет и ја освоија шампионската титула. Стојакович на свои 33 години стана NBA шампион.

По “шампионската парада” повеќето NBA тимови беа заинтересирани да го ангажираат Пеџа но, тој носи изненадувачка одлука. Решава да стави крај на професионалното играње кошарка и се повлекува на највисокото место, на врвот.

Пост-играчки денови

Пеџа по завршувањето на играчките денови се врати на добро познато место. Сакраменто Кингс најпрво го повлече неговиот дрес со број 16 помеѓу легендите, а потоа го ангажира во својата управа каде е и денес. Со својата сопруга, Алека Камила Стојакович има три деца. Неговиот син, Андреј е еден од најталенитаните млади играчи во САД.

Пеџа освен NBA титулата, е освојувач на златниот медал во два наврати (2001 година во Истанбул и 2002 година во Индијанаполис). Два пати беше најдобар “тројкаш” а безброј пати клучен во клучните моменти кога натпреварот се решаваше.
Стојакович важи за еден од најладнокрвните и најубиствени шутери кој се појавиле на кошаркарските терени. Доколку (неговиот) Андреј поседува барем половина од офанзивниот арсенал на својот татко, во блиска иднина повторно ќе навиваме за уште еден снајпер со познато презиме.

NBA FAN
Димитар Младеновски