Македонските тренери ги донесоа нашите најголеми спортски успеси!

495

Игор Ангеловски и фудбалската репрезентација на Македонија успеаја да го направат невозможното, тоа е да се пласираат на едно Европско првенство (ЕП), за првпат во историјата на сениорскиот фудбалски тим и по овој резултат уште едно македонско тренерско име со златни букви ќе биде испишано во историјата на македонскиот спорт.

Ќе биде чест да се гледа Македонија меѓу најдобрите 24 селекции во Европа, а популарниот Мрме и неговите избраници уште еднаш ја побија теоријата дека за успех со национален тим не секогаш е потребен странец. Ангеловски во пет години успеа да ја однесе Македонија на ЕП и да ги сопре тврдењата дека ерата на Среќко Катанец во мак-фудбалот е најдобра и дека тешко ќе има подобра од неа. Словенецот раководеше со А-селекцијата од 2006 до 2009 година, а Македонија беше на 50. позиција на ФИФА ранг-листата под негово водство. Ама ЕП немаше. Се тврдеше дека странец е потребен за успех. Затоа што има „цврста рака“. Ама ЕП не видовме ниту со Катанец, ниту со Љубинко Друловиќ, ниту со Џон Тошак. Туку со тивкиот херој Ангеловски кој успеа да ја испише најубавата спортска приказна. Рака на срце, патот до едно ЕП во минатото беше далеку потежок, ама и овие натпревари кои сега ги даде УЕФА како шанса мора да се победат, така што, успехот на Мрме не смее да се оспорува.

Впрочем, кога ќе се сумираат резултатите во мак-спортот, да кажеме во последната деценија, македонските селектори се оние кои ги донесоа најголемите успеси за нашиот спорт во најпопуларните „сектори“ – фудбалот, ракометот, кошарката. Со У21-репрезентацијата, Благоја Милевски донесе место на ЕП за младинци во 2017 во Полска. Најголемиот кошаркарски успех во 2011 година го имаше Марин Докузовски, на ЕП во Литванија, кога Македонија играше за медал и заврши на четвртото место. Најголемиот ракометен успех го имаше Звонко Шундовски, на ЕП 2012 во Србија, кога ракометарите беа петтопласирани. Тука е и Илија Темелковски, кој со ракометните јуниори на СП 2017 заврши на историското шесто место.

На кошаркарското столче седеа Алеш Пипан (Словенија) и Драган Раца (Србија), но тие не успеаја ниту близу да го повторат успехот на популарниот „Доктор“ и доживеаја катастрофа – првиот не ја мина групата на ЕП 2013, додека вториот испадна во квалификациите и ја „зацрни“ македонската кошарка. Александар Џикиќ беше единствена светла точка кога се говори за странците, затоа што во неверојатни услови ја однесе Македонија на ЕП, но неправедно беше променет, па него нема да го оценуваме. Тука е и името на Александар Јованчев, кој како селектор ја однесе машката кошаркарска репрезентација до 16 години до историски успех и место во А-дивизијата. Прв селектор кој ја однесе Македонија на ЕП во 1999 година беше Заре Марковски, исто така тогаш домашен стратег.

Кога се говори за ракометот, по Звонко Шундовски, на тренерското столче седеа еминентни тренерски имиња. Ивица Обрван, Лино Червар и Раул Гонзалез беше тројката која раководеше со сениорите предводени од светската ракометна ѕвезда Кирил Лазаров, ама ниту еден од нив не успеа да го извади најдоброто од нив како што тоа го направи Шундовски. Сега на столчето е Данило Брестовац, кој создава нова генерација. Првиот македонски селектор по долго време нема да биде дел од големата сцена на СП 2021, но веќе се размислува за следниот европски собир. Ако се вратиме на првиот голем настан за македонскиот ракомет, тоа е изборено место на ЕП 1998, прв селектор беше Ванчо Јовановски.

Тука може да се спомене и успехот на Владимир Глигоров со женската ракометна репрезентација кога во 2008 година на домашно тло завршивме како седми во Европа, досега најдобар резултат, како и оној во 1997 година на Мундијалот во Германија каде предводени од најдобриот стрелец Индира Кастратовиќ репрезентацијата заврши како седма во светот, а во стручниот штаб беше Владимир Радиќ.

Редок исклучок кај екипните спортови е репрезентативната одбојка, преку која сениорите се најдоа на историско ЕП 2019 под водство на српскиот стратег Никола Матијашевиќ, а тука е и ватерполо репрезентацијата која дебитираше на евро-сцената во 2008 под водство на српскиот стратег Горан Крстоношиќ. Многу странци продефилираа низ нашата земја, со еден куп титули, одличја, трофеи, признанија… ама ниту еден од нив не ги водеше националните селекции со страст како македонските стратези. Народски кажано „и ние коњи за трка имаме“!