Фондовите на ЕУ ја зголемија корупцијата во Бугарија. Тие пари особено се користат за директно или преку јавни набавки купување на повеќе медиуми, со што треба да се прикријат постапките на политичарите, вели за „Фајненшл тајмс“ Симеон Ѓанков, министер за финансии во првата влада на Бојко Борисов (2009-2013), веднаш откако Бугарија стана членка на ЕУ.
Весникот во текстот „Бугарија се приклучува на групата проблематични регрути“, пишува дека во Брисел постои зголемена загриженост за толерирањето на корупцијата и за вработувањето на лојални, но неспособни луѓе во администрацијата. Политичките потешкотии на Борисов, исто така, отвораат тешки прашања за Брисел и другите земји на ЕУ. Критичарите велат дека не успеале да извршат притисок врз Софија за подобрување на управувањето со државата. Тензиите се зголемија во последните неколку недели и затоа што Бугарија ги блокира разговорите за пристап на Северна Македонија до ЕУ. Ова ги зголеми стравувањата дека Бугарија може да им се придружи на Унгарија и Полска во нивните чести битки со Брисел и земјите на ЕУ.
Во написот се изнесуваат делови од првиот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во Бугарија оваа есен, вклучувајќи ги и нетранспарентната сопственост на медиумите, притисокот врз новинарите и обидите за промена на законот за невладини организации на начин што беше одбиен во текот на летото. Во извештајот се нотира дека нема резултати во борбата против корупцијата, а се споменуваат и извештаите од истрагата во Барселона со можни врски на Борисов со овој случај.
Четири петтини од Бугарите веруваат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја. Расте и притисокот врз владата поради нејзиното спротивставување на преговорите со Македонија.
Симеон Ѓанков, истражувач на Институтот за меѓународна економија „Петерсон“ во Вашингтон, вели дека Брисел предоцна ја сфатил заканата од корупцијата во Бугарија и дека институциите и лидерите мора да сфатат дека ако ништо не се стори, земјата и Борисов ќе се приклучат на Полска на Качински и Унгарија на Орбан.