Бурна и неизвесна NBA ноќ.
Голден Стејт го пречека Лос Анџелес Лејкерс. Двата тима беа во обид да ги прекинат црните губитнички серии. Овој пат тоа им успеа на домаќините. Во крајно неизвесен натпревар “воините” издржија во одбраната и извојуваа тесна победа (117-115). Прв стрелец беше Клеј Томсон (кој личеше на оној стариот пред тешките повреди), со 33 поени а беше следен од својот бековски партнер, Стеф Кари кој постигна 24 поени и 8 асистенции. На спротивната страна, не помогна дабл-дабл ефектот на Леброн Џејмс кој постигна 26 поени и 15 скокови.
Лука Дончич повторно имаше фантастична претстава. Овој пат неговиот перформанс не беше доволен за триумф. Лос Анџелес Клиперс се раваншираше за поразот пред 24 часа, и со добра колективна игра извојува тесна победа на гости од 99-97. Дончич постигна 45 поени, 15 скокови и 8 асистенции но, не ја доби потребната помош од соиграчите. Кај “клиперси” најпрецизен беше Реџи Џексон со 24 поени и 8 асистенции.
Торонто го пречека Денвер во меч на кој победникот се решаваше во последните секунди. Никола Јокич повторно беше брилијантен. Оствари дабл-дабл од 28 поени и 15 скокови а го направи и клучниот потег на мечот. Српскиот репрезентативец го блокираше обидот на Оу-Џи Ануноби и со прекрасен дефанзивен потег донесе победа за “нагетси” во Канада (110-109).
NBA FAN
Димитар Младеновски