Четири пати се слушаше химната на Македонија, Акиевска стана апсолутен светски шампион во бодибилдинг

597

Македонската бодибилдинг репрезентација забележа огромен успех на 75-тото Светско првенство во бодибилдинг и фитнес, за мажи-жени, јуниори и сениори во Санта Сузана во Шпанија.

На овој собир, на кој учествуваа 102 земји од целиот свет и повеќе од 1.500 натпреварувачи, боите на Македонија ги бранеа Мери Акиевска и Петар Богдановски. Во силна конкуренција, Мери Акиевска постигна неверојатен успех, победувајќи во својата категорија до 163 сантиметри кај јуниорите и сениорите, но успеа да стане и апсолутен победник и во двете категории, победувајќи ги шампионите од другите висински категории.

„Чувството не може да се опише. Четири пати ечеше химната на Македонија, четири пати капеа солзи од среќа. Македонија го освои светското злато во јуниорска и сениорска категорија. Пресреќна сум. Ви благодарам на целосната подршка и што бевте покрај мене…“, напиша Акиевска на социјалните мрежи.

Петар Богдановски, кој настапи во категоријата бодибилдинг јуниори над 75 килограми, не успеа да се пласира во финалето.