Тато знае што ти треба и пред да го прашаш

228

Мојот татко речиси никогаш не плаче. Јас само еднаш го имам видено да плаче, кога умре една многу сакана личност во нашето семејство (тогаш сите се утепавме од плачење). Можеби некогаш плачел кога бил сам, но ние никогаш не сме го виеле. Но, тој пораснал во време во кое мажите биле воспитувани дека тие не треба да плачат, туку да стојат цврсто на земја.

Мојот татко знаеше да биде строг. Знаеше да ми забрани работи и сигурна сум дека имал добри причини за тоа. Меѓутоа, тоа никогаш не знаеше да го преточи во зборови, па често имаше одговор од типот: „Затоа што јас кажувам така.“

Мојот татко беше храбар. Знаеше да се впушта во многу напорни работи и предизвици за нас да ни биде подобро, а даваше и сѐ од себе за да знаеме дека е чесен и вреден, нешто што ние секогаш го знаевме.

Мојот татко знае сѐ. Кога бев дете, немаше прашање на кое немаше одговор. Подоцна ми призна дека не знаел баш секогаш сѐ, но се трудел тоа да не се гледа, затоа што на луѓето не смее да им се покаже слабост.

Мојот татко е мој херој. Но, не заради овие работи. Заради овие работи може да биде херој на некој друг, иако јас сум многу благодарна и за сето ова. Мојот татко е мој херој затоа што трпеливо решаваше домашни задачи со мене, со часови, со денови, и во основно и во средно училиште и ниту еднаш не ми кажа дека му е тешко. Мојот татко е херој поради тоа што ме учеше да возам. И беше многу трпелив. Ниту еднаш не ми се развика иако сум сигурна дека сум му одела на нерви.

Мојот татко е мој херој кој ми носи свежи домати кои ги обожавам. И кој во својата градина има шест различни видови домат. И секогаш памти што сум сакала да јадам, па тоа ми го носи следниот пат. И секој следен пат.

Мојот татко е мој херој затоа што ги разбираше моите несигурности и знаеше на вистински начин да реагира на нив. Тогаш открив дека и тој понекогаш бил несигурен, замислете!

Мојот татко е мој херој заради начинот на кој се однесува кон мојата ќерка. Заради нежните зборови, затоа што ја чешла и ѝ ја фаќа косата во репчиња, затоа што долго зборува со неа на телефон, иако таа нема ни две години, затоа што е подготвен милион пати нешто да ѝ напише, иако таа ќе го ишкрта тоа.

Мојот татко е мојот херој поради бакнежите во нос секој пат кога ќе се сретнеме и разделиме. Мојот татко не зборува многу за чувства. Затоа и памтам еднаш кога требаше да патувам, тој ме испрати и ми рече: „Знаеш дека тато те сака“. Онака, од никаде-некаде. Мојот татко не зборува многу за чувствата, па затоа и јас не знам баш најубаво да ги искажувам моите чувства кон него. Но, мислам дека знае дека го сакам.

За мојот татко и за сите татковци кои личат на мојот тато!