Синот на Гадафи би бил фаворит за победа на изборите во Либија: Ја избегна смртната казна, а неговата локација не е позната

1004

Саиф ал Ислам Гадафи, синот на покојниот либиски лидер Муамер ел Гадафи, би бил фаворит за нов претседател на таа земја, доколку одлучи да се кандидира, соопштил тамошниот политичар Ахмед Гадаф ал Дам.

Гадаф ал Дам, лидер на Националниот борбен фронт, смета дека синот на Гадафи има добра шанса за победа на претседателските избори.

“Тоа е негово право, всушност должност, да се кандидира на овие избори”, рекол тој опишувајќи го Саиф како “син на својата генерација”, пренесува “Almasdar News”.

Како што истакнува, доколку Саиф се одлучи на овој потег, “ќе направи се да не биде спречен во тоа”.

На Гадаф, инаку роднина на Гадафи, ова не му е прв пат пофално да зборува за Саиф и да го предложи за шеф на државата.

Исто така, не е прв пат ни во јавноста Саиф да се споменува како потенцијален кандидат на изборите, бидејќи се смета дека токму тој би можел да ја обедини уништената земја.

“Тој има многу приврзаници, тоа се обични луѓе. Дури и оние кои учествуваа во Арапската пролет сега ја поддржуваат визијата на Саиф. Тој е способен да ја обедини Либија. Ова е проект за препород, кој би требало да ја воведе Либија во мирни води”, рекол пред три години неговиот адвокат Калед Ал Гваил.

Изборите ќе се одржат на 24-ти декември оваа година, по неколку одложувања. Освен Саиф, интерес за кандидатура покажале и генералот Хафтар и поранешниот либиски амбасадор во ОАЕ, Ареф Али Најед.

Инаку, младиот Гадафи е на потерница на Меѓународниот суд за правда поради воени злосторства поради наводното насилно загушување на демонстрациите против својот татко.

Локалната полиција го уапсила во 2011-та година. Судот во Триполи го осудил на смрт на 28-ми јули 2015-та година поради злосторства во текот на граѓанската војна, во многу спорното судење кое се водело во негово отсуство. Останал во притвор до 10 јуни 2017-та година, кога бил пуштен од затворот во Зинтан.

Откако се нашол на слобода, не се знае каде точно престојува. Неговите политички ставови ги пренесува Народниот фронт, а се смета дека таа тајност е потребна за да му се гарантира безбедноста.

Тој, инаку е втор син на Муамер ел Гадафи и неговата втората сопруга Сафија Фаркаш.

Тој е инженер, доктор по филозофија и политичар.

Во 1994-та година дипломирал економски науки на Универзитетот ал Фатах во Триполи, а 6 години подоцна добил и титула магистер по деловна администрација од виенскиот “IMADEC” универзитет. Во Лондон завршил економија и политички науки.

Во текот на 2000-тите години, го угостило британското кралско семејство во Бакингемската палата и дворецот Виндзор. Се зборува дека во 2009-та година во Црна Гора правел роденденска забава на која имало европски принцови и руски олигарси.

Арапската пролет предизвика хаос

Продавачот на овошје Мухамед Буазизи се самозапалил на 17-ти декември во 2010-та година во родниот Тунис, откако градската службеничка Фаида Хамди му го одземала штандот за кој немал дозвола и јавно го нападнала. Од повредите починал на 4-ти јануари, но протестите против властите избиле веќе на 18-ти декември, за се да биде готово до 14-ти јануари – претседателот Зоне ел Абидине Бен Али ја напуштил земјата.

Тоа предизвикало бран востанија против властите во северна Африка и на Блискиот исток, кои колективно се нарекуваат Арапска пролет. Масовни протести избиле во Египет, Бахреин, Сирија, Јемен, Либија, а народот востанал против лидерите кои цврсто ја држеле власта со децении. Во организацијата на протестите помогнал развојот на социјалните мрежи и технологии, па повеќето лидери биле сменети, некои убиени, а други затворени, но имало и такви кои опстанале на власт.

Живот после Гадафи

По смртта на Гадафи состојбата во денешна Либија може да се опише со само еден збор – хаос. Со земјата и натаму владее беззаконие, насилство, трговија со луѓе, префрлување на мигранти во Европа. Во земјата закони носат два парламенти, две влади и милиции кои повремено меѓусебно се борат за превласт.

Во земјата царуваат осум најважни групи кои ја контролираат власта, а тоа се Регуларната либиска армија која и припаѓа на владата во Торбук, Либиската национална армија основана во 2014-та година, паравоената специјална единица Ал Саика, Револуционерната бригада Ал Синтанија, Бригадата Мисрата, Либискиот одбранбен штит, Ансар ал Шар – либиски огранок на Ал Каеда. Во целата приказна се вмешани и некои држави како Турција, Русија, Египет и Катар…