Министерката и изведувачот најавија тужби за клевета за Арсовска

218

Пожарот во Универзална сала од минатата недела беше повод градоначалничката Данела Арсовска и министерката за култура Бисера Костадинвоска Стојчевска да почнат со меѓусебни обвинувања.

Причините и предизвиканата штета допрва ќе се утврдуваат.

По вчерашните обвинувања од Арсовска, Костадиновска Стојчевска денска најави дека градоначалничката ќе мора клеветите да ги докаже на суд. Министерката за култура вели дека за пожарот во Универзална дознала од социјалните мрежи по што веднаш се упатила таму. За обвинувањата на Арсовска дека нема мислење за стабилност и сеизмичка заштита за проектот, Костадиновска-Стојчевска рече дека такво мислење има и оти врз основа на токму тоа мислење, Општина Центар минатиот месец издала Решение за реконструкција, а Град Скопје изготвил пресметка за комуналии.

„Таа се потпишала на документи низ овие постапки, како што е Договорот за регулирање на постапка, Решението за реконструкција, каде што под број 6 стои мислење за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита издадено од ИЗИИС на 2 ноември 2021 година. Таа се потпишала на документи низ овие постапки и со тоа ја потврдува безбедноста. Инсинуирањето на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила, низата небулози изјавени на вчерашниот прес, во следните денови ќе бидат предмет пред судските инстанци“, рече Костадиновска Стојчевска.

Арсовска денеска праша за што точно ќе добие тужба, кога лично министерката во изјава за медиумите рече дека дознала за пожарот пред 9 часот, а пожарот е пријавен во 9:50 од случаен минувач.

„Откако работниците и инженерката на фирмата Универзал-Балкан се обиделе да го гасат пожарот и откако не го локализирале и дозволиле истиот да се прошири, не побарале помош од Противпожарната бригада Скопје, каде многу подоцна, во 9:50 е пријавено од страна на случаен минувач. Врз основа на што се темели изјавата на изведувачот дека причина за пожарот е стар кабел или стара инсталација“, рече Арсовска.

Тужба за клевета најави и фирмата изведувач Универзал-Балкан. Сметаат дека Арсовска им го нарушила угледот со неоснованите обвинувања против нив. Тврдат дека токму тие го пријавиле пожарот во Универзална, и оти за тоа имаат докази. Во компанијата велат дека градилиштето на Универзална сала е осигурано и оти сите направени штети ќе ги сносат тие.

По вчерашните обвинувања од Арсовска, Костадиновска Стојчевска денеска одговори на прес, по што следуваше уште една прес-конференција на Арсовска.