Ретро NBA-Молневито брзиот Род Стрикленд

881

Родни Стрикленд, еден од најдобрите плејмејкери кој се појавил од легендарниот Њу Јорк.

Почетоците

Роден на 11-ти Јули 1966 година во легендарниот Бронкс (Њу Јорк). Потекнувајќи и растејќи во средина која е позната како ризница на таленти, младиот “Стрик” уште од најрана возраст го покажа својот раскошен талент. Стрикленд своите средношколски денови ги помина во академијата “Оук Хил”, школа која денес има историски успех и небројани професионалци кои токму таму ги направиле свои кошаркарски почетоци.

Потоа следуваше настап на универзитетско ниво. На престижниот колеџ “Ди Пол”, Стрикленд постигнуваше просечни 20 поени и скоро 8 асистенции по натпревар. Логично (по три сезони поминати во NCAA) младиот “плеј” беше еден од најпосакуваните млади играчи. На драфтот 1988 година, беше избран како 19-ти пик од (својот омилен тим) Њу Јорк Никс.

Њу Јорк Никс и Сан Антонио Спарс (1988-1992)

Професионалните почетоци на Род Стрикленд беа специфични.
Играше како замена за подеднакво квалитетниот плејмејкер, Марк Џексон кој една година претходно ја доби награда за најдобар дебитант во лигата. Не ја доби потребната минутажа за во целост да ги покаже своите квалитети.
По година и пол во дресот на “Никси”, беше разменет во Сан Антонио Спарс.

Во дресот на “мамузите” порасна минутажата како и бројките. Во 146 натпревари (од кој на 95% како стартер) имаше просек од 14 поени и речиси 9 асистенции по меч. Периодот кој го помина во Тексас му даде шанса на вистински начин да се претстави на кошаркарскиот свет. Следуваа промени за негова целосна афирмација.

Портланд Треил Блејзерс (1992-1996)

На 3-ти Јули 1992 година Стрикленд како слободен играч потпишува договор со Портланд.
“Блејзерси” само еден месец пред да го доведат во своите редови играа во големото финале, што значи дека “Стрик” пристигна во најсилниот тим на Западната конференција од штотуку завршеното првенство. Периодот кој го мина во Орегон беше специјален за молневито брзиот “плеј”.

Во 5 сезони кој ги мина во Портланд, Стрикленд редовно беше вбројуван меѓу најдобрите асистенти во NBA а неговиот просек на поени порасна на речиси 17 по меч. Тимот редовно беше учесник во “плеј офот” а и важеше за еден од најнезгодните противници во лигата. Се чини дека “блејзерси” немаа доволно среќа да направат чекор повеќе и да се вратат во големото финале по поразот од Чикаго Булс во 1992 година. Се повеќе се говореше за ремонт на тимот од “Роус гарден” а прв кој тоа го почувствува беше сјајниот плејмејкер.

На 15-ти Јули 1996 година, Стрикленд (заедно со својот голем пријател Харви Грент) е испратен во Вашингтон а во спротивен правец пристигна идната тимска легенда, тогаш младиот и талентиран Рашид Волис.

Вашингтон Визардс (1996-2001)

Oва е најзрелиот период во кариерата на нашиот јунак.
Општо признат како еден од најдобрите организатори на играта во NBA, Стрикленд го диктираше темпото во нападот на “волшебниците”. По неговото пристигнување тимот од главниот град за прв пат се пласира во доигрувањето по пауза од 8 години.
На лично поле, беше избран помеѓу најдобрите 15 играчи во лигата но, не успеа да забележи настап на “all star” натпреварите. Во 1998 година беше најдобар асистент во NBA со просечни 10.5 додавања по натпревар.

Според многумина, “Стрик” претставуваше еден од најпотценетите играчи кон крајот од 90-тите. Неговата работна навика и дисциплина беше доминантна а неговата молневите брзина претставуваше сериозен проблем за противничките одбрани. По 5 години поминати во Вашингтон, на свои 34 години започнува нова фаза во својата кариера.

Портланд / Мајами / Минесота / Орландо/ Торонто / Хјустон (2001-2005)

Искуството и дисциплината на Стрикленд беше повеќе од посакувана. Од тие причини тој беше доведен на 6 различни места при крајот на својата кариера. Сеакаде беше топло прифатен и посакуван. Стабилен, брз и прецизен играч како и прекален ветеран кој служеше како ментор на помладите играчи. Токму неговиот пристап беше клучен за напредокот на многу негови соиграчи.

Во 2005-та година, на 38 годишна возраст става крај на својата професионална приказна. Одигрува 17 NBA сезони и од сите е признат како еден од најстабилните и најдобрите организтори на играта во речиси двете децении во кој настапуваше.

Постиграчки денови (2005-денес)

Веднаш по завршувањето на сезоната 2004-2005 Стрикленд се вклучува во организација на кошаркарски кампови ширум САД.
Во 2007 година стана главен менаџер на универзитетот Мемфис каде работеше 7 години.
Во 2014 година станува помошник тренер на универзитетот Северна Флорида каде се задржува до 2017 година.
Од 2022 година наваму е главен тренер на универзитетот Лонг Ајленд.

Татко е на три деца (два сина и една ќерка) и тројцата се активни кошаркари.
Стрикленд е кум на еден од најдобрите бекови кој се појавиле во NBA лигата, уникатниот Кајри Ирвинг.

Род Стрикленд беше вистински пример како со напорна работа и челична дисциплина може да се изгради богата NBA кариера.
Потценет но, не и заборавен од кошаркарските сладокусци.
Еден од најбрзите кошаркари кој се појавиле на теренот.

NBA FAN
Димитар Младеновски