Претседателот на Русија, Владимир Путин се пофали дека нуклеарното оружје на Русија е со години, ако не и со децении понапредно од оружјето на останатите земји.
„Одредени наши вооружени системи се со години, а можеби и со децении пред странското оружје. Модерното оружје повеќекратно придонесува за рускиот воен потенцијал“, изјави Владимир Путин за време на неговото обраќање пред младите официри од Воената академија во Кремљ.
Според аналитичарите, Владимир Путин очигледно алудира на оружјето кое што го најави пред неколку месеци за кое што рече дека е „несопирливо“ и убедливо „најнапредно“ во светот – хиперсоничните балистички проектили кои што можат да носат нуклеарни боеви глави.
Како што пренесува новинската агенција „АП“, Владимир Путин ова го изјавил во моментите додека траат подготовките за состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп кој што е закажан за 16-ти јули во Хелсинки.
„Постигнавме реален напредок благодарение на науката, бироата за дизајн и нашата индустрија“, изјави Владимир Путин.
Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин, во март оваа година, во пресрет на претседателските избори во Русија, претстави низа на нови вооружени системи за кои што тврдеше дека во споредба со нив, капацитетите на НАТО Алијансата изгледаат „застарени“.
Во говорот пред највисоките руски службеници и членови на парламентот, Путин порача: „ Развиени се и беспилотни подводни пловила кои може да се движат на многу голема длабочина, кои имаат меѓуконтинентален дострел и брзина двојна поголема од брзината на подморницата, најсовремени торпеда и сите видови на бродови, дури и најбрзи. Тоа е чиста фантастика“, истовремено фалејќи се и со развој на ракета која „може да достигне до било кое место на светот”.
Путин исто така порача дека „светот ќе мора да ја слуша Русија“ која што располага со најмоќното стратешко нуклеарно вооружување, далеку понапредно од било кое друго на светот, додека пак рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, отиде толку далеку што дури и рече дека анти-ракетниот штит на НАТО сега е како „чадор со дупки“.