Познат руски психолог кажува кои зборови влијаат врз судбината на детето

78

Родителите често не размислуваат какво влијание имаат фразите што му ги упатуваат на детето врз неговиот натамошен живот. Рускиот детски и семеен психолог Јулија Данилова, авторка на проектот „Во контакт со детето“, посочува кои фрази никогаш не треба да се употребуваат, а кои треба да се избегнуваат и какво влијание предизвикуваат негативните пораки врз децата.

Кон што водат негативните пораки што родителите им ги упатуваат на децата?

* „За никаде си и неспособен за ништо!“ – беспомошност, апатија, мрзливост, инертност, несамостојност, несигурност во себе.

* „Престани да се правиш паметен!“, „Молчи – немаш поим!“, „Немој да се разликуваш! Биди како другите!“ – детето нема свое мислење. Нема интерес за спознајни активности. Без иницијатива. Не ги манифестира своите способности. Се задушува индивидуалноста, лидерските способности, харизмата. Детето не може да ги манифестира своите таленти.

* „Не плачи!“, „Престани да беснееш!“ – одрекување на детските чувства. Детето не ги распознава и не ги разбира своите чувства. Потисната интуиција. Човекот не може да управува со својата емоционална состојба. Негативните чувства му го разоруваат организмот однатре (психосоматски болести).

* „Не чепкај ништо, јас ќе го направам тоа!“ – детето престанува да прави што било, дури и кога тоа ќе се побара од него. Беспомошност, неодговорност, пасивност, несамостојност, инфантилност.

* „Немој да се лепиш до мене! Тргни се од мене! Што си се залепил за моето здолниште!“ – детето губи интерес за комуникација. Се оддалечува и се затвора во себе.

* „Уште си малечок за тоа!“- Инфантилност. Околината ќе се однесува кон него како кон дете. Никогаш нема да порасне. Неодговорност. Несамостојност. Отсуство на мотивација. Подложен на туѓо влијание. Бара партнер кој ќе му биде „родител“.

* „Погледни го Јанко, нека ти биде пример…“ – комплекс „не сум доволно добар“. Несигурност, ниско самовреднување. Стремеж да се задоволат очекувањата на околината за да се заслужи љубов. Отсуство на чувство за лично достоинство.

Што ги тера родителите да кажуваат фрази кои очигледно го програмираат детето на неуспех?
Воспитувањето од родителите. Ние ги преживуваме всадените родителски пораки, убедувања и директиви какво треба да биде детето. Тие директиви и убедувања значително нè ограничуваат да бидеме среќни, радосни и здрави. И, се разбира, ако ние не сме среќни, не ќе можеме ни децата да ги направиме среќни.

Примери за негативни убедувања или родителски пораки

* „Мораш да правиш што ќе ти се каже!“

* „Јас најдобро знам што ти треба тебе!“

* „ Постарите мора да се почитуваат!“ – а помладите?! Со ускратувањето на личните права на уважување, на свое мислење, на грешка, на лично искуство се нарушува истражувачката активност, се прекинува природното функционирање на детето. Како последица се јавува беспомошност, неактивност, апатија, мрзливост.

* „Мажите не плачат!“ – се нарушува природното празнење на емоциите. Се одразува врз здравјето, доаѓа до изливи на чувства во погрешно време, на погрешно место, на погрешен, опасен начин.

* „И мене ме тепале, па што – станав добар човек“ – како прво, ние не знаеме што би се случило ако не нè тепале. Тврдењето за „добар човек“ бара подетално истражување. А физичкото казнување води кон натрупување агресија кај детето и потреба да ја истури врз послабите. Исто така, првенствено и многу често, се нарушува безбедноста на детето.

* „Доброто дете не постапува така“ – се развива комплекс, или како што се вели – дистрес „јас не сум доволно добар“. Несигурност, безволност, страв да не се изневерат очекувањата.

Како да се излезе од маѓепсаниот круг на очекувања од детето и разочарувањата од неговото однесување?

Тоа е голема индивидуална работа на преиспитување на пораките што нам ни ги влеале нашите родители, преиспитување на нивните очекувања од нас, очекувањата што самите сме ги имале од себе и од детето. Тоа е работа на прифаќање себеси онакви какви што сме, на простување на родителите, на отповикување на нашите очекувања од нашите деца.