Лоренс Демитрик Џонсон од Далас (Тексас). “Ел Џеј” или “Grandmama”, боксерот кој ракавиците ги замени сo борба под обрачите. Крило од 200 сантиметри а тежок 115 килограми. Приказна за еден физички најсилните играчи кој се појавиле на кошаркарскиот терен.
Шарлот Хорнетс (1991-1997)
За Лери Џонсон кошаркарската јавност дозна уште во 1987 година. Токму тогаш, тој стана најдобар средношколец во Америка. Во NBA влeгува како прв пик, избран на драфтот 1991 година. Во најсилната кошаркарска лига доаѓа по сјајната колеџ кариера каде беше избран за играч на годината. Гo освои NCAA насловот со својот универзитет “UNLV” – Универзитетот од Невада, Лас Вегас. Џонсон, пред да се појави на професионален терен, беше докажан играч со шампионско реноме.По самото пристигнување во Шарлот станува инстант сензација. Навивачите на тимот (кој само пред неколку години беше промовиран во професионален кошаркарски колектив) беа возбудени и нестрпливи за успеси. На тимско ниво, тимот од Северна Каролина бележи забележителен успех, а Џонсон е прогласен за дебитант на сезоната 1991-1992.
Сезоната 1992-1993, во тимот доаѓа (големиот) Алонзо Морнинг и се приклучува на веќе талентираниот состав. Во ростер каде Џонсон е сметан за лидер на тимот, остатокот од “стршлените” составен од Дел Кари (таткото на Стеф Кари), Херсиј Хоукинс, “Магзи” Богз, како и ветеранот Роберт Периш, Шарлот претставува еден од најатрактивните тимови во лигата. Го добива најбогатиот договор во историјата на NBA (во тоа време). Потпишува за 84 милиони долари во период од 10 години.
Следуваат 5 возбудливи сезони во кој Шарлот е плејоф тим скоро секоја година, а и покрај пеховите кој им се случуваат и несреќите со повреди (дури) успеваат да парираат на тим како Чикаго Булс (од кој губат во полуфиналето на Истокот 1995 год. по враќањето на легендарниот Мајкл Џордан во составот). Станува заштитно лице на брендот Конверс каде го добива и надимакот “Grandmama”.
Во меѓувреме, Лери Џонсон прераснува во трикратен All Star играч и освојувач на златниот медал, претставувајќи ја својата земја на “FIBA World Cup” 1994 година во Торонто (Канада). На светското првенство, заедно со својот тимски колега, Алонзо Морнинг, делуваат исклучително силно. Целиот свет виде за каков ѕвер станува збор. Моќен и брз, подвижен и специфично корисен, особини кој и денес ретко кој крилен центар ги поседува.
Набрзо следуваат проблеми и несакани драми. По отворената “војна” со подеднакво талентираниот и квалитетен тимски колега Алонзо Морнинг (иронично) двајцата завршуваат во нови тимови во рок од 10 месеци. Управата решава да отстрани “центарски тандем” кој можеше да биде рецепт за шампионска титула.
“Хорнетси” по тешката ’95-’96 сезона (во која за влакно го пропуштаат плејофот) се решаваат за шокантна промени во составот. Ростерот е сериозно “раздрман” по неочекуваната размена која Џонсон го праќа во Њу Јорк во замена за Ентони Мејсон и Бред Лохас.
Њу Јорк Никс (1997-2003)
Вториот дел од кариерата на Џонсон беше успешна, полна со драматични настани и возбудувања. Приклучувајќи се на исклучително квалитетен тим со врвни борци (Петрик Јуинг, Чарлс Оукли, Џон Старкс) доживува одлични сезони со успех на индивидуален и тимски план.
Подоцна (1999 година) во тимот ќе пристинат ултра брзиот Латрел Спривел и младиот и талентиран Маркус Кемби, со што тимот стана (видливо) поенергичен и побрз што му одговараше на “Ел Џеј”. Во тоа време (нешто што не беше многу коментирано) Џонсон се мачеше со болки во грбот. Речиси целиот период кој го помина во “големото јаболко” го игра под терапија, со секојдневни болки и здравствени проблеми.Можеби не беше истиот тип на играч (од атлетска гледна точка) но, затоа го подобри шутот од поле, како и за три поени. Играше на приближно “All star” ниво. Стана комплетен играч и неизбришлив дел од тимот кој до денес е единствен кој како 8-мо пласиран стигнал до финалето на NBA. Во 1999 година пристигнаа на “големата сцена” каде загубија од Сан Антонио Спарс. За неговата легендарна “3-ка под фаул” (“the 4 point play”) се зборува до денес.
По најголемиот успех на тимот (по подолг период) следуваат уште две релативно успешни сезони. Во “големото јаболко” очекувањата се секогаш на највисоко можно ниво. Во меѓувреме секојдневните проблеми со кој се соочува “Ел Џеј”, и константните болки во грбот го мачат се повеќе. И покрај тоа игра преку 80% од натпреварите (под терапија) на кој пружа солидни партии.Настапува често, има висока минутажа и одличен процент на шут. Дава 100% од себе. Но, не е повеќе оној неуморен ѕвер кој носеше се пред себе и го оправдува епитетот миленик на публиката. На огромно жалење на армијата навивачи, излегуваат информцаиите за хроничните повреди на грбот што го принудуваат “боксерот” да стави крај на својата играчка кариера на само 31 годишна возраст.
РЕЗИМЕ:
Замислете го Мајк Тајсон во 90-тите на кошаркарски терен висок повеќе од 2 метри. Агресивноста на борци како Бен Волис и Чарлс Оукли, и на тоа додате го шутот од дистанца на Дејвид Робинсон, или шутот за 3-ка на високи крила како Глен Рајс и Пол Пирс. Набројаните великани се од прв до последен NBA шампиони. Тоа беше Лери Џонсон пред да попушти грбот. Дефиниција за моќ и чиста сурова сила. Физички најсилното крило на 90-тите.Денес (татко на 5 деца – сите активни спортисти) повторно е кај своите “никси”. Од 8-ми Април 2012 е задолжен како главен организтор за напредокот на играчите во тимот како и за емотивниот раст на младите и надежни таленти. Лери Џонсон остана во Њу Јорк, и подеднакво придонесува денес како и кога жареше и палеше на теренот.
NBA FAN
Димитар Младеновски
Прочитајте ги претходните колумни на Димитар:
NBA колумна на Димитар Младеновски-Шампионот на кој не му беше потребна титула (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Во домот на “Господин Мајами” (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски–“Белото чоколадо” (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Генералот Хорас Грент (ВИДЕО)
NBA колумна на Димитар Младеновски-Силниот Mич Ричмонд (ВИДЕО)