Рано утрово, NBA лигата беше полна со изненадувања.
Актуелниот шампион, Голден Стејт Вориорс гостуваше во Шарлот каде важеа за апсолутен фаворит.
Во неизвесен натпревар во кој се играше продолжение, младите “стршлени” го скршија отпорот и извојуваа победа од 120:113. Пи-Џеј Вашингтон беше водечки со 31 поен а Гордон Хејворд го следеше со 23 поени. Домаќините повторно настапија без својот најдобар играч, Лонзо Бол. На спротивната страна, Стеф Кари беше прв стрелец со 31 постигнат поен.
Бруклин ја пречека Индијана, во обид да ја надмине резултатската криза на стартот од новото првенство.
Ова беше натпревар на кој уште еден фаворит го напушти теренот со спуштена глава. Фуриозната последна четвртина донесе победа за гостите од Индијанаполис (125:116). Дебитантот Бенедик Матурин беше водечки стрелец со 32 поени, следен од Тајрис Халибартон кој постигна 26.
За “нетси” кој го претрпеа 5-от пораз (во 6 натпревари сезонава) водечки беше Кајри Ирвинг со 35 постигнати поени.
Уште еден натпревар во кој регуларниот дел не го донесе победникот беше дуелот помеѓу Далас Маверикс и Оклахома Сити Тандер.
Младите “грмотевици”, со стабилна игра во продолжението го изненадија домаќинот од Тексас и триумфираа со 117:111.
Канадскиот репрезентативец, Шеј Гилгес-Александер имаше волшебна претстава сочинета од 38 поени и 9 асистенции и го засени “трипл-дабл”-от на Лука Дончич на спротивната страна. Дончич постигна 31 поен, 16 скокови и 10 асистенции но, немаше вистинска поддршка од своите соиграчи.
Последното изненадување ни пристигнува од главниот град на Калифорнија.
Сакраменто успеа да стигне да својата прва победа сезонава откако го “доби” Мајами со 119:113.
Новодојдениот шутер на “кралевите”, Кевин Хуртер беше прв стрелец со 27 поени следен од дебитантот Киган Мари кој постигна 22 поени. За гостите од Флорида, единствено расположен за игра беше Тајлер Хироу кој постигна 34 поени.
NBA FAN
Димитар Младеновски