NBA-Лилард јавно го повика Дурент да му се придружи во Портланд (ФОТО)

435

По тешката и разочарувачка сезона, тимот на Портланд Треил Блејзерс се подготвува за новото првенство со големи амбиции.

Тимот од Орегон уште пред една недела го донесе првото засилување. Станува збор за репрезентативното крило Џереми Грент кој го доведоа од Детроит Пистонс. Предводникот и капитен на тимот, Демиен Лилард отворено кажа дека очекува конкретни промени во составот а по се изгледа дека (како виситнски лидер) реши и самиот да се вклучи во регрутирањето на потенцијални засилувања.

Шесткратниот All-Star на својот Инстаграм профил објави слика од него и Кевин Дурент во дресот на “блејзерси”. Двајцата се добри пријатели а заедно настапуваа за својата земја на олимписките игри во Токио пред две години каде го освоија златниот медал. Центарот на тимот, Јусуф Нуркич (веднаш по објавувањето на сликата на неговиот соиграч) се огласи во јавноста кажувајќи дека тимот по секоја цена треба да ја доведе ѕвездата на Бруклин во своите редови.

Се почестите гласини за заминувањето на Кајри Ирвинг од Бруклин само ги подгреа шпекулациите дека веднаш по него и популарниот “Кеј-Ди” ќе бара нов тим. Ситуацијата будно ја следат челниците на Портланд кој се решени да ја исправат грешката од драфтот 2007-та година. Тогаш “блејзерси” бираа како први и го избраа центарот Грег Оден кој имаше ужасна среќа со повредите и прерано ја заврши кариерата. Веднаш по него беше избран Дурент (од страна на Сиетл Супер Соникс) а се останато е историја.

Кевин Дурент е сметан за еден од најдобрите офанзивни играчи во историјата на NBA. 33-годишниот ветеран е поранешен MVP како и двократен шампион.

NBA FAN
Димитар Младеновски