Eрл Џозеф “Џej-Aр” Смит, роден на 9-ти Септември 1985 година во Фрихолд Бороу, Њу Џерси. Израснат е во Кларксбург – Милстоун Тауншип, Њу Џерси каде ги прави своите спортски почетоци.
Во средното училиште “Лејквуд Хај” играше две сезони пред да се префрли во “Сент Бенедик”. Покрај кошарката, младиот Смит важеше и за одлчен рагби играч а според многумина подеднакво квалитетно играл и бејзбол. Откако строго се фокусира на кошарката, станува се појасно дека се работи за еден од најголемите млади таленти во Америка.
Добива понуда од престижниот универзитет Северна Каролина која најпрво ја прифаќа но, откако добива информација дека има голема веројатност да биде високо избран на драфтот (при евентуално негово пријавување на истиот) решава да го “прескокне” колеџот и директно од средношколските клупи да “влета” помеѓу професионалците.
На NBA драфтот во 2004-та година, Смит е избран како 18-ти пик од страна на Њу Орлеанс Хорнетс при што станува еден од најмладите играчи во историјата кој пристигнуваат на “големата сцена”.
Њу Орлеанс Хорнетс (2004-2006)
Уште како дебитант, Смит го покажува својот неспорен талент. Неговиот поентерски потенцијал е видлив и во скромната минутажа која ја добива на почетокот. Неговата игра се подобруваше секојдневно но, во двете години кој ги поминува во Луизијана Смит не ја доби потребната шанса (минутажа) за целосно да го покаже својот квалитет.
При крајот на својата втора сезона, Смит се “судри” со главниот тренер на тимот, Бајрон Скот. Џеј-Ар сметаше дека заслужува поголема шанса за игра и од таа причина по 131 одигран натпревар за “стршлените”, ја менува средината.
Денвер Нагетс (2006-2011)
На 14-ти Јули 2006 година, Смит беше разменет (најпрво) во Чикаго а само шест дена подоцна, се сели во таборот на Денвер. Новата средина и шансата за игра ја користи на најдобар можен начин.
Во тим исполнет со ѕвезди каде главната улога ја има Кармело Ентони (а набрзо со приклучувањето на Ален Ајверсон) тој ја користи секоја шанса за да поентира при удвојувањето на првата (и втората) опција во нападот.Денвер станува легитимен конкурент за врвот. Предводен од тренерот Џорџ Карл, во тим со прекалени ветерани како Маркус Кемби и Кенјон Мартин кој беспрекорно ја вршеа својата улога во одбраната, на Смит исклучително му одговараше улогата која ја имаше. Станува миленик на навивачите а неговата минутажа и просекот на постигнати поени константно растеше од година во година.
Смит помина 5 години во Колорадо а атрактивниот стил на игра стана негов заштитен знак. За жал, “Нагетси” не успеаа да стигнат до посакуваната цел (шампионскиот пехар) па во 2011 година на Смит му истекува договорот.
По кратка авантура во Кина (во тимот на Жечијанг) за време на “лок-аутот”, се враќа во САД и на 17-ти Февруари 2012 година, потпишува за тимот на Њу Јорк Никс.
Њу Јорк Никс (2012-2015)
Џеј Ар Смит и Њу Јорк Никс беа одличен спој. Атрактивниот бек веднаш беше прифатен од навивачите а тимот по долг период на лоши резултати, конечно тргна во позитивна насока.
Во сезоната 2012-2013 ја прифаќа улогата за “6-ти играч” во ротацијата и истата сезона со просек од 18 поени по меч, ја освојува награда за најдобра резерва во лигата. При тоа станува првиот играч по пауза од 23 години кој успева да постигне над 30 поени на 3 последователни средби, влегувајќи од клупата за резерви.
Повторно во нападот игра во тандем со својот пријател од Денвер, Кармело Ентони а одлично соработува со “All-Star” крилото Амари Стадемаер. За Џеј-Ар од посебна важност беше доведувањето на неговите поранешни соиграчи од Денвер, Кенјон Мартин и Маркус Кемби кој заедно со (повратниците во тимот) Рејмонд Фелтон, Курт Томас како и Џејсон Кид беа од исклучителна помош за воведување на челична дисциплина во соблекувалната. По успешната сезона следуваат неочекувани настани.
По успехот кој се чекаше повеќе од една деценија во “големото јаболко”, очекувањата рапидно пораснаа. “Никси” поминуваат низ период на променлива игра и тимски несогласувања. Како најголема причина за тоа се наведува отпуштањето на ветераните кој беа задолжени за дисциплината и стабилноста во ростерот. Се појасно стана дека на тимот му се потребни промени. Лошите резултати си го направија своето. На 5-ти Јануари 2015 година, Смит е испратен во Кливленд.
Кливленд Кавалирс (2015-2019)
Веднаш по неговото пристигнување во Охајо, стана јасно дека Смит е токму она што им недостасуваше на “кавалирс”, инстант поентирање и силна енергија. Иако имаше повремени инциденти и непромислени потези, Џеј-Ар стана еден од главните фигури во тимскиот нуклеус. Го подобрува својот шут од далечина и станува исклучително опасен во нападот.
Уште во првата сезона во дресот на Кливленд, Смит стигнува до големото финале каде неговиот тим губи од Голден Стејт Вориорс. Го продолжува договорот со тимот и веќе во наредната сезона (2015-2016) ја остварува толку посакуваната цел. Кливленд се одмаздува на “воините” и станува NBA шампион, за прв пат во тимската историја. По долги преговори, потпишува нов договор и останува во тимот.
Следува сезона исполнета со повреди. Во Декември 2016, претрпува фрактура на десната (шутерска) дланка. Одигрува само 41 натпревар а Кливленд губи во финалето од (својот стар “познаник”) Голден Стејт. Следната сезона (2017-2018) имаше слаб старт на првенството. Откако ја поврати формата имаше вербален дуел со помошник тренерот (Дејмон Џоунс) и суспензија од 1 меч. И покрај тоа што имаше (само) 30 години, беше ветеран со богато 11 годишно искуство. Во тоа време “коњаниците” важеа за апсолутен фаворит од Истокот кој го красеше одличната тимска игра. За жал, на крајот од сезоната Кливленд е повторно поразен во големото финале, и повторно од Голден Стејт Вориорс.
Следната сезона (2018-2019) Леброн Џејмс го напушта тимот а ужасниот старт од 2-13 носи и промена на тренерското место. Тајрон Лу е отпуштен а улогата на главните играчи е драстично намалена. Смит отворено ја критикуваше управата на тимот и често изјавуваше дека челните луѓе немаат намера да направат конкретен чекор и да ја подобрат ситуацијата. На 20-ти Ноември 2018 година, раководството објави дека повеќе не смета на услугите на Џеј-Ар Смит.
По 5 години во дресот на “кавси” (на 15-ти Јули 2019) официјално е ослободен од обврските спрема тимот од Охајо.
Лос Анџелес Лејкерс (2020)
На 1-ви јули 2020 година, Смит потпиша договор со Лос Анџелес Лејкерс за остатокот од сезоната. Во тимот пристигна по силно инсистирање на довчерашниот тимски другар, Леброн Џејмс. Имаше мала минутажа во составот. На крајот од првенството ја освојува својата втора шампионска титула и се повлекува од активно играње кошарка. Ја заокружува кариерата со уште еден шампионски прстен.
Резиме
На 11-ти Август 2021 година, Смит се запиша на државниот универзитет “А&Т” во Северна Каролина, со цел да добие диплома по либерални студии. Набрзо изјави дека планира да се приклучи на голф тимот “Агис”. Се квалификуваше за настап и почна активно да се натпреварува.
На приватно поле, со својата сопруга (Џевел Херис) има три ќерки кој се секојдневно со него. Неговите поранешни соиграчи, Кармело Ентони и Крис Пол се негови кумови.
Смит според многумина е најтетовираниот играч кој настапувал во NBA. Претставува еден од најуникатните и најконтроверзни ликови кој стапнале на кошаркарските терени. Имаше богата и успешна NBA кариера. Многумина го паметат по своите несекојдневни потези и сомнителни одлуки но, неспорно е дека успеа во своите намери. Никогаш не беше ѕвезда и прво име во тимот но, неговата атрактивна игра не се заборава. Одигра вкупно 16 NBA сезони и стана двократен шампион.
NBA FAN
Димитар Младеновски