NBA-Калифорниското дерби едвај дочека крај (ВИДЕО)

774

Дуелите помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Сакраменто Кингс, имаат посебно значење за долгогодишните кошаркарски фанови. Двата тима имаат безброј незаборавни средби уште од времето кога беа фаворити за тронот. Синоќешниот натпревар беше еден од најнеизвесните во нивната богата историја.Регуларниот дел од мечот заврши со израмнет резултат (100-100) по неуспешниот обид на Леброн Џејмс, во шутот за победа. Веќе на стартот на продолжението, “лејкерси” превземаа контрола и поведоа со 5 поени предност. Следуваше одговор од младиот бековски тандем на Сакраменто, Халибртон – Фокс, а по поените на Бади Хилд (надвор од баланс) натпреварот отиде во второ продолжение од 5 минути. Повторно игра “кош за кош” и неизвесност до последните секунди. Скок шутот на Диерон Фокс носи водство за “кралевите” на 30 секунди до крајот. Следува продор на Леброн Џејмс за ново израмнување. Сакраменто не успева на време да упати шут по што следува трето продолжение.

Во овој дел од мечот, исцрпувачкото темпо му одговара на младиот тим на “кингси”. Марвин Бегли погодува под прекршок а потоа Бади Хилд краде топка и положува за предност од +3. Леброн Џејмс, го враќа својот тим во игра но повторно следуваат поени на Бегли на спротивната страна. Ветеранот, Тристан Томсон, погодува важен кош за својот тим по што Кармело Ентони возвраќа со тројка од (навидум) безизлезна ситуација. За жал на домашните навивачи, тоа е предоцна. Сакраменто извојува голема победа на гостински терен по маратонската борба, со конечни 141-137.

Диерон Фокс беше предводник на тимот со 34 поени и 8 асистенции, следен од Бади Хилд со 25 поени и Тајрис Халибртон кој реализираше 19. За “лејкерси”, Леброн Џејмс беше повторно најдобар со 30 поени и 11 асистенции. Расел Вестбрук оствари трипл-дабл со 29 поени (+11 асистенции и 10 скокови) недоволно за зачувување на домашниот терен. Поразот го спушти “Ел-Еј” под 50% успешност, со биланс од 10 победи и 11 порази.

NBA FAN

Димитар Младеновски