NBA-Феникс цел месец не знае за пораз (ВИДЕО)

1311

Феникс Санс продолжува со импресивната победничка серија. Рано сабајлево (по последниот меч) таа брои 15 по ред.Њу Јорк го пречека најжешкиот тим во NBA. Гостувањето во легендарниот “Медисон Сквер гарден” само ја потврди нивната конкретност. Во меч на кој гостите од Аризона водеа од самиот почеток, крајниот резултат (во ниту еден момент) не беше доведен во прашање. Сјајната игра на Феникс ја преточија во нова висока победа (118-97).

Девин Букер, повторно, беше прв стрелец со 32 поени. “Генералот” Крис Пол (по којзнае кој пат) го диктираше темпото во нападот реализирајќи дабл-дабл од 14 поени и 10 асистенции. Диандре Ејтон (исто така) имаше двоен учинок, составен од 14 поени и 13 скокови. Една од главните причини за успехот на тимот (клупата за резервни играчи) повторно даде полн придонес. Камерон Пејн постигна 13 поени, Џеј Краудер 11, а Кем Џонсон и Микел Бриџис по 10, повеќе од доволно за нов триумф.

Со најновата победа, 15-та по ред, Феникс е второпласиран тим (во целата лига) со скор 16-3. Последниот пораз кој го претрпеа е пред (скоро) еден месец кога загубија од Сакраменто, на 28 Октомври ’21. Пред нив на табелата е само Голден Стејт Вориорс, со сооднос на победи и порази, 17-2.

NBA FAN

Димитар Младеновски