Дуелот пред две сезони, помеѓу Тимбервулвс и 76ерс, во Филаделфија, го одбележа физичката пресметка помеѓу центрите Карл Ентони-Таунс и Џоел Ембид. Овој настан секогаш се поврзува кога овие два тима се спротивставуваат еден против друг.
Синоќа Филаделфија повторно ја пречека Минесота. Иако во овој дуел немаше тепачка, имаше исклучителна возбудливост и неизвесност. Првото полувреме го одбележа одличната игра на гостите од Минеапоис кој на паузата заминаа со позитива од +15. Вториот дел беше една сосема нова приказна. Тобајас Херис го започна “кам бекот” на својот тим а (едно од најпријатните изненадувања сезонава) бекот Тајрис Мекси го диктираше темпото. Во поголемиот дел од последната четвртина, “волците” ја имаа предноста. Во еден момент, по тројката на ДиАнџело Расел, поведоа со +11 (87-76). Следуваше одговор од Џоел Ембид кој го презентираше својот подобрен шут, и продори на Тајлер Мекси за негатива од три поени (93-90). Забивањето на Матис Тајбл го носи првото израмнување на мечот (95-95). Ентони Едвардс имаше шанса да им донесе победа на гостите но, неговиот шут за три поени беше неуспешен и натпреварот отиде во продолжение.
Во дополнителните 5 минути, крилото Наз Рид ја одржува “Мини” во игра, со 5 постигнати поени по ред. Одговорот стигна од Џоел Ембид со поентирање и прецизна рака од линијата за слободни фрлања. Поените на Тобајас Херис носат +3 за “Фили” по што ДиАнџело Расел погодува тројка “без коски” за ново израмнување, 110-110. Следува нова тројка на Расел а потоа три поени по ред за домаќинот и ново, второ продолжение.Во второто продолжение, Расел продолжува да ја кине мрежичката со трета тројка по ред по регуларниот крај на мечот. Следуваат продори на Ембид и два прецизни шутеви од дистанца за водство од 120-117. Следува завршниот удар на “волците”, најпрво преку Наз Рид а потоа со положување на Торијан Принс за голема гостинска победа на Минесота од 121-120 во “Велс Фарго центар”, по 10 минути дополнителна игра.ДиАнџело Расел беше водечки за Минесота со 35 поени и 8 асистенции (со 6 погодени тројки), следен од дабл-дабл на Карл Ентони Таунс (28 пони + 10 скокови). Џоел Ембид постигна 42 поени и 14 скокови, недоволни за зачувување на домашниот терен.
NBA FAN
Димитар Младеновски