NBA-Борба до последен здив во Лос Анџелес (ВИДЕО)

940

Од синоќешната NBA програма, го издвојуваме дуелот помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Мемфис Гризлис, во “Стејплс” центарот. Во исклучително неизвесен меч, двата тима се бореа до последниот атом енергија.

Во првото полувреме, гостите од Мемфис играа исклучително ефикасна кошарка. Предводени од својот млад плеј, Џа Морент, на полувреме отидоа со -4 против големиот фаворит. Прецизниот шут на Кармело Ентони, беше главна причина за водството на домаќините. На 6 минути до полувремето, дојде до судир помеѓу Леброн Џејмс и Дезмонд Бејн при кој “кралот” остана на теренот со болна гримаса и силна болка во десното колено. За среќа на навивачите, не се работеше за ништо по сериозно.

Вториот дел од мечот беше исполнет со одлични акции и константна промена во водството. Во третата четвртина, новоангажираните “езерџии” Расел Вестбрук и Диандре Џордан имаа неколку возбудливи акции кој ја воодушевија публиката. Ентони Дејвис доминираше во одбраната но младите “мечки” го одржуваа чекорот поради неисцрпната енергија. Последната четвртина беше исполнета со исклучително атрактивна игра во која лидерот на Мемфис, Морент на моменти беше вистински “волшебник” со своите акробатски потези. Кармело Ентони дојде до 9-то место на вечната листа на најдобри стрелци.

На минута до крај “Мело” успеа со офанзивен скок и поени да донесе водство од +3. Мемфис имаше шанса за израмнување, и (сосема очекувано) топката стигна до нивниот најдобар играч. Џа Морент имаше обид од преку девет метри при кој беше фаулиран. Погоди 2 од 3 слободни фрлања, за во “пенал завршница” поискусниот тим да обезбеди триумф. Лејкерси стигнаа до првата победа сезонава, пред се поради одличната партија на Кармело Ентони кој постигна 28 поени. На спротивната страна, фантастичниот дабл-дабл на Џа Морент од 40 поени и 10 асистенции не беа доволни за изненадување.

NBA FAN

Димитар Младеновски