Од синоќашната богата NBA програма, која броеше 10 мечеви ги издвојуваме најинтересните.
Најинтересно беше во Вашингтон каде домаќините го скршија отпорот на Индијана Пејсерс по дополнителни 5 минути игра (конечни 135-134). Новиот поентер на тимот од главниот град, Спенсер Динуиди, беше прв стрелец на тимот со 34 постигнати поени, следен од уште еден нов играч, Кајл Кузма кој постигна 26. На спротивната страна, личниот рекорд на Мајлс Тарнер од 40 поени, не резултираше со успех на својот тим.
Никола Јокич уште еднаш покажа зошто минатата сезона го доби признанието MVP. Србинот постигна дабл-дабл учинок од 32 поени и 16 скокови. Денвер Нагетс извојува победа над Сан Антонио Спарс со конечни 102:96.
Токму Јокич ги постигна клучните поени за триумфот на својот тим. Домаќините можеа и порано да ги реши дилемите околу победникот (имаше водство од 83:72 на стартот од последната четвртина) но, Сан Антонио возврати со серија 0:10 и внесе резултатска неизвесност. Во финишот Денвер ја обезбеди победата со поените на Факундо Кампацо и ветеранот Џеф Грин. Добра партија прикажа и Монтеј Морис со 13 поени, додека кај гостите од Тексас најдобар беше Келдон Џонсон со постигнати 27 поени.
Лос Анџелес Лејкерс и во вториот меч сезонава претрпе пораз, овој пат на домашен терен од ланскиот финалист, Феникс Санс. Легендарниот плејмејкер, Крис Пол беше лидер на тимот со 23 поени, станувајќи единствениот играч во историјата на NBA кој ја поминал бариерата од 20.000 постигнати поени и 10.000 успешни додавања. Девин Букер во чекор го следеше својот бековски партнер со 23 поени. Кај домаќините, Леброн Џејмс постигна 25 а Ентони Дејвис 22 поени.
Посебно внимание предизвика вербалниот конфликт помеѓу соиграчите, Ентони Дејвис и Двајт Хауард. И двата играчи веднаш по мечот изјавија дека не станува збор за ништо сериозно туку само за недоразбиње.
NBA FAN
Димитар Младеновски