Најотпорното суштество на светот би ја преживеало и Чернобилската несреќа

136

Луѓето за нив знаат веќе 250 години. Но, кога во 1773 година биле откриени “водните мечки” од страна на германскиот зоолог Јохан Август Ефраим Гоезе, зоолозите сè уште не знаеле за какви неверојатни суштества станува збор. Денес знаеме дека тие 1150 вида, кои растат до половина милиметар, имаат неверојатни способности за преживување.

Екстремно високи и ниски притисоци, екстремен студ и топлина, недостиг на воздух, дехидрација, сето тоа водните мечки можат да го преживеат, а од неодамна знаеме и дека се во состојба да преживеат дури 1000 пати повисоко ниво на радијација од другите животни.

Живеат во сите мориња, слатки води и влажни области, на копно, во мов, во олуците и на покривите од куќите. Во неповолни услови, видовите кои живеат на копно се сушат и се во состојба на анабиоза, така што можат да преживеат и повеќе години додека условите повторно не станат поволни.

Во 1948 година, целосно исушените водни мечки биле потопени во вода, а тие, по 120 години мирување, во истиот момент почнале да се движат. Во 2007 година, научниците дури ги испратиле во вселената, а тие успеале да преживеат и таму и во првата можност почнале да се размножуваат по катастрофалните услови на вселенската бездна.

Имаат четири пара кратки ножиња кои завршуваат со мали канџи. Се хранат со билки и животинчиња помали од себе. Кога ќе фатат такво животно, го прободуваат и го цицаат.

Она што досега не беше познато во врска со овие животни е како тие успеваат да преживеат спектакуларни нивоа на зрачење. Утврдено е дека можат да преживеат апсорпција од дури 6.200 Gy (греј). На пример, човекот умира при 5 до 10 Gy, но водните мечки се во состојба да ја поправат штетата на својата ДНК и да се заштитат од радијацијата дури и ако живеат во услови какви што создала Чернобилската катастрофа, цели 25 часа.

“E-life Sciences” објави научен напис на петмина научници од универзитетот Калифорнија во Сан Диего кои објасниле дека одговорот лежи во тоа што водните мечки во себе го имаат нуклеарниот протеин наречен “Dsup”. Овој протеин се врзува со кроматинот, односно нуклеопротеинската содржина на хромозомот, во што спаѓа ДНК, РНК и уште некои животоважни протеини.

Научниците заклучиле дека “Dsup” се состои од два дела: едниот дел на водните мечки им служи за да се поврзе со кроматин, а другиот кој ги штити клетките од несакани ефекти на изложување на реактивни молекули на радијација. На тој начин овие суштества со тој протеин создаваат “заштитен облак” околу своите клетки.

И другите способности на нивното преживување се подеднакво неверојатни. Тие се во состојба неколку минути да преживеат на температура од 151 Целзиусов степен, 30 години на -20 Целзиусови степени, неколку дена на -200 Целзиусови степени и неколку минути на -272 Целзиусови степени, што е речиси апсолутна нула. Најстарите пронајдени фосили од овие животни датираат од пред 530 милиони години.

loading...