Македонски фудбалер со сопругата и бебето побегнаа од Ерменија – тој сведочи што се случува во Ерeван

1565

Европа ја тресе нова војна. Ерменија и Азербејџан го активираа воениот конфликт и ги стопираа сите активности во земјите. Засегната е и најважната споредна работа на светот, тоа е фудбалот, а еден македонски интернационалец мораше да замине од Ереван поради воената состојба.

28-годишниот Ристо Митревски беше дел од Алашкерт, но мораше предвреме да ја прекине сезоната поради воените дејствија во регионот Нагорно-Карабах. Ситуацијата нагло ескалира, а играчот се отвори во интервју за Gol.mk и раскажа низ што минал последните денови додека бил во Ереван.

„Дојдов во Алашкерт од месец февруари. Поради коронавирусот кој настапи во месец март не можеа да ми дојдат сопругата и детето кое ни се роди оваа година. Тие пристигнаа пред три недели, кога ситуацијата беше најнормална. Имаше еден мал воен проблем на 15 јули со Азербејџан, ама траеше еден до два дена и не наговестуваше ништо сериозно. Арно ама, пред четири дена, се разбудивме и додека се подготвувавме за доручек заедно со нашето бебе кое има пет месеци, што да видиме на вести – најава за војна! Набрзо ми се јавија пријателите од Ерменија, ми кажаа дека во оваа земја навистина почнува војна. На стартот се исплашивме затоа што тука не сме сами, сепак, со нас имаме мало дете, ама сакав да бидам оптимист и ѝ реков на сопругата да почекаме затоа што 40 години овие две земји имаат конфликт за тој регион. Искрено се надевав дека нема да има ништо страшно, ама она што го видов е како никогаш досега. И мои блиски луѓе од земјата велат дека ваква тензија и страв никогаш немало“, ја започна Митревски својата исповед.

Најавите за војна вклучиле аларм во семејството Митревски. Фудбалерот и сопругата веднаш букирале карти за да се вратат во Скопје, иако тогаш постоеле само најави, без сериозни конфликти.

„Искрено ние се исплашивме, па веднаш штом чувме за војна, купивме карти за да си се вратиме назад во Македонија. Добив мала повреда на последниот меч пред конфликтот и не можев да тренирам, па решивме да заминеме дома затоа што следните мечеви беа одложени и јас не можев да бидам со екипата. Веднаш му се јавив на тренерот, ми кажаа дека ме разбираат затоа што сум во туѓа земја со сопругата и со детето, во земја во која се најавува војна. Ереван е на 350 километри од местото каде постои конфликт. Не е блиску, ама не е ни толку далеку. Последната закана од Азербејџан која ја чув беше дека ќе ја нападнат нуклеарната централа која е на дваесетина до триесет километри од Ереван. А, ако тоа навистина се случи, тогаш ќе биде катастрофа од големи размери“, додава стоперот.

Денот кога чуле дека ќе има војна, Ристо Митревски и неговата сопруга решиле да се прошетаат низ центарот. Не верувале дека ќе има таков голем конфликт, ама аатмосферата во Ереван го најавила тоа.

„Првиот ден кога на телевизија јавија дека постои голема опасност од војна немаше војска низ градот. Кој бил во Ереван знае дека се работи за еден жив град, таму е навистина убав животот. Живеев на иста локација баш како да живееш на плоштадот „Македонија“ кај нас во Скопје, на една убава и прометна локација каде често имаше повеќе луѓе. Излеговме да се прошетаме околу и веднаш се забележа разлика од претходно. Немаше музика во околните локали, туку луѓето беа во автомобили, вееја знамиња, скандираа и пееја патриотски песни. Кога го видовме сето тоа се обидов да ја смирам сопругата и да ја утешам. Ѝ кажав дека се ќе биде во ред. Ама без разлика на ситуацијата, во знак на резерва, ние си купивме карти за да се вратиме во Скопје. Ден подоцна зборував со сопственикот на Алашкерт, тој беше сосема коректен, ми кажа дека ако ситуацијата не се смири јас ќе можам да си барам нов клуб и спогодбено да го раскинеме договорот, а јас како фудбалер ќе ги добијам сите средства кои важат до моментот на важност на договорот“, раскажа Митревски.

Како одминувале деновите, така ситуацијата станувала се полоша. Митревски е единствениот засега што си заминал од Алашкерт од странските фудбалери, а прашање е дали воопшто ќе се врати да игра фудбал во Ерменија, па дури и ситуацијата да се смири.

„Последните информации се дека 500 учесници загинале во војната, меѓу нив имало и деца родени 2000 година. Секој ден таму е се полошо. Во контакт сум со играчите, во лигата има многу Балканци. Повеќето од нив останаа таму затоа што не се со семејствата. Сите ми велат дека паметно сум постапил што сум заминал дома. Сега имало тенкови низ град, камиони со војници… Кога се случи првиот сериозен конфликт, нашиот лет беше рано наутро, некаде кај 3:30 часот. Кога дојдовме на аеродром да заминеме, во тој момент со авиони слетаа војници. Беа натоварени со оружје. Не ми беше сеедно, затоа што и претходно во градот мирисаше на војна. Сите луѓе беа намуртени и тажни, беше тивко, тмурно… нешто на што не бев навикнат. А и ако сум искрен, не ми се исплати за два месеци да ризикувам живот. Сепак, мојот договор со Алашкерт е до декември. Ќе видиме што ќе биде. Ако не се вратам, ќе гледам кон азискиот маркет. Ако не, ќе барам клуб во декември.“, открива Македонецот.

Ако секојдневна тема во Ерменија пред нешто повеќе од десетина дена беше коронавирусот, сега тоа е воениот конфликт. Многу Ерменци своеволно се пријавиле да заминат да ја бранат територијата, а оние кои не се военоспособни, заминале крај границите да им помагаат на воените лица.

„Војната го зеде данокот, прекина животот во Ерменија откако се случи првиот сериозен воен конфликт. Претходно беше коронавирусот актуелен, сега тоа не се ни споменува. Имаше по 700 болни луѓе дневно и беше опасно, не смееше да излезеш надвор без маска, полицијата пишуваше казни, ама сега никој не гледа дали имало или немало корона. Ги интересира само таа војна. Ерменците се многу патриотски настроени, некои своеволно заминаа во војна, некои, пак, заминаа да помагаат крај границите. Дополнителен доказ за тоа е и потегот на капитенот на Ерменија кој ја прекина фудбалската кариера и зеде оружје за да ја брани татковината. Целиот спорт моментално е во мирување. Нема тренинзи и активности. Ете и УЕФА го помести мечот меѓу Арарат и Црвена Звезда, тоа доволно говори за сериозноста“, сведочи Митревски.

Засега, ситуацијата не делува оптимистички. Ама, Митревски се надева дека таа крвава војна во регионот Нагорно-Карабах ќе прекине.

„Искрено се надевам дека војната ќе прекине затоа што имам многу пријатели во Ерменија. Таа нема да донесе ништо добро за никого. Ама како што тргнало, тешко дека во блиска иднина тој конфликт ќе се смири. Имало и претходно конфликти таму, ама првпат е ваква тензијата. Се затвори аеродромот во Баку, верувам дека наскоро ќе се затвори и аеродромот во Ереван. Само да се молиме за најдоброто“, заврши фудбалерот.

Митревски пристигна во Алашкерт во месец февруари и одигра 13 натпревари на кои даде два гола. Беше дел од првиот тим на мечот против Ренова во квалификациите за Лигата на Европа на кој „гипсарите“ успеаја да изненадат. Претходно тој настапуваше и за Енозис (Кипар), Хапоел Хаифа (Израел), Истра (Хрватска), Доњи Срем (Србија), Сараево (БиХ) и македонските Металург, Тетекс, Напредок, Победа и Работнички.