Дали во Македонија се исплати да се живее во еден, а да се работи во друг град?

639

Иако на запад за луѓето не е проблем да патуваат стотина километри за да стигнат на работа, кај нас ситуацијата е малку поразлична.

Дали на граѓаните ќе им се исплати да живеат во еден, а да работат во друг град, и секој ден да патуваат до работа, зависи од повеќе фактори. Пресудна е висината на платата, во кој сектор работат и дали би можеле да напредуваат во кариерата, сообраќајните врски, близината на градовите. Луѓе од Куманово, Велес, Тетово најчесто патуваат до работното место во Скопје. Според некои неофицијални податоци, секој ден 4.000 кумановци поради работа доаѓаат во Скопје. Но, откако почна пандемијата има поскапување на цената на превозот, што удри по џебот на граѓаните.

„Познавам луѓе кои се групираат и заедно патуваат со автомобили. Плата од 20.000 денари не е доволна за да некој патува до Скопје. Aко секој ден некој патува со автомобил, ако троши по 500-600 денари за превоз, и ако земеме во предвид дека 20 дена во месецот се работи, значи треба да има висока плата, можеби 50.000 денари“, вели Жаклина Милинковиќ, граѓанка од Куманово.

Од друга страна ако ги погледнеме платите кои се нудат по огласите за вработување, ќе забележиме дека тоа се суми кои се далеку под просечната плата. Тешко е и во Источна Македонија каде нема работа, но нема ниту редовен меѓуградски превоз. Граѓаните велат дека не може да се споредува мобилноста на работната сила во земјава и во странство.

„Кај нас, Македонска Каменица, Делчево, Берово немаат редовни линии и не е можно да се патува за работа. За жал состојбата е таква. Доколку е повисока платата, ќе се исплати да се патува во друг град. Сепак, има и фирми кои обезбедуваат сопствен превоз. Во Малта каде сум работела има организиран јавен превоз, чисто е, има картички со кои е поевтино патувањето и кои се надополнуваат со кредит. Таму за разлика од овде повеќе се исплати да се патува до работа во друг град“, вели девојка од Македонска Каменица.

Има и луѓе кои од Крива Паланка и Свети Николе доаѓаат да работат во погони во Куманово, но со организиран превоз кој го покриваат газдите.

„Не е исто еден човек да живее во Скопје и да работи во Скопје, или да живее во Скопје, а да работи во друг град. Доколку тој трошок е на товар на фирмата ви било во ред, но доколку не, тогаш тоа би било економски неисплатливо. Има и компании кои исплаќаат додаток за теренска работа, што е добро“, вели Донка Спасовска од агенцијата за посредување при вработување „Хоризонт“.

Во многу од европските земји има повеќе можности. Таму или газдите го покриваат делумно или целосно трошокот за превоз на работникот кој доаѓа од друг град, или пак овие работници добиваат финансиска поддршка од државата. На крајот сепак на работникот делумно или целосно му се рефундираат парите кои ги потрошил за превоз.