Хрватскиот репрезентативец, Марио Хезоња направи сериозен и јасен чекор за неговата иднина.
Откако и официјално се раздели од својот довчерашен клуб (УНИКС Казан), популарниот “Супер Марио” е пред потпис со “кралскиот клуб”. Веќе подолго време се говори за најновото засилување на Реал Мадрид, а тоа ќе биде токму најкорисниот играч во руското првенство ланската сезона. За многумина ситуацијата на Хезоња е многу слична со еден од најдобрите играчи на лутиот ривал Барселона, Никола Миротич. Како и Миротич, Хезоња настапуваше во NBA лигата каде имаше солидна минутажа и богат договор но, се реши да се врати во Европа и да игра за шпанскиот гигант и најголемиот противник.
Хезоња беше драфтуван во 2015-та од страна на Орландо Меџик како висок петти пик на драфтот. По три сезони поминати на Флорида, популарниот “Супер Марио” се пресели во Њу Јорк каде по една година премина во Портланд. По 5 NBA сезони во кој бележеше разочарувачки 7 поени по натпревар, во 2021 се врати во Европа и тоа во грчки Панатинаикос.
Ланската сезона ја помина во руски УНИКС Казан и пружаше одлична игра. Беше MVP на првенството и го привлече вниманието на најголемите европски клубови. Доколку се реализира преселбата во Мадрид, Хезоња ќе стане еден од ретките кошаркари кој го облекле дресот на двата најлути шпански ривали. Како еден од најперспективните млади играчи на стариот континент, настапуваше за Барселона во периодот од 2012 до 2015 година.
На својот “Твитер” профил, сјајното крило објави слики како во својот (роден) Дубровник напорно тренира и се подготвува за следните предизвици. Само прашање на време е кога 27-годишниот кошаркар ќе го официјализира своето доаѓање во новиот клуб. До тогаш, уживајте во најубавите потези на најкорисниот играч во руското првенство од ланската сезона.
Димитар Младеновски