Ширењето на делта сојот ја намалува цената на нафтата

837

Цените на нафтата на светските берзи нагло паднаа минатата недела, по двонеделен раст, поради ширењето на делта варијантата на коронавирусот, што веќе резултираше со обновување на ограничувањата за патување во Азија, па трговците стравуваат дека тоа може да го загрози и обновувањето на глобалната побарувачка за енергија.

На лондонската берза, цената на барелот потона за 6,2 проценти минатата недела, на 70,7 долари, забележувајќи ја најголемата неделна загуба во последните четири месеци.

Во исто време, на американската берза, барелот падна за 7,7 проценти до 68,28 долари, што е најголем неделен пад на цената во последните девет месеци.

„Ваквите движења на цените сега се навистина во функција на макро-сликата. Делта сојот на вирусот навистина ги погодува домаќинствата и гледаме одредена аверзија кон ризикот на сите берзи, не само за нафта“, рече Хауи Ли, економист во сингапурскиот OCBC .

Американскиот претседател Џо Бајден деновиве предупреди дека бројот на заразени со COVID-19 во САД, кој е веќе на највисоко ниво во последните шест месеци, ќе продолжи да расте поради брзото ширење на делта сојот

Цените под притисок

Во Малезија и Тајланд, бројот на заразени лица надминува повеќе од 20.000 случаи дневно, а Јапонија веќе објави дека има намера итно да ги прошири ограничувањата за патување во повеќе региони.

Сепак, трговците со нафта се најзагрижени за Кина, вториот по големина потрошувач на нафта во светот, која веќе воведе ограничувања за движење, вклучително и откажување летови до 46 градови и ограничување на јавниот превоз и такси превозот до 144 најтешко погодените региони.

„Трговците внимателно ги следат заострените ограничувања за патување во Кина, што може да станат клучен двигател на цените во наредните месеци“, рече Џим Ритербуш, директор на инвестициската компанија Jim Ritterbusch.

Во исто време, цените на нафтата беа под притисок бидејќи доларот во однос на еврото се искачи на највисоко ниво во последните четири месеци под влијание на подобрите од очекуваните извештаи за состојбата на паазарот на труд во САД, поддржувајќи ги шпекулациите дека можно е американската централна банка да ја заостри монетарната политика уште порано. Посилниот курс на доларот, имено, ја прави нафтата поскапа за оние кои располагаат со други валути.