Од 1.000 до 5.000 евра ќе се казнат министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за здравство, за правда, центрите за социјална работа, обвинителствата, општините, ако не постапат по точните надлежности што им ги дава новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој треба да го изгласаат пратениците.
Од 100 до 500 евра е казната за раководители во центрите за социјална работа, до министри, обвинители и други раководни лица во државните органи, ако не постапат со жртвата на семејно насилство како што пишува во законот, или ако не обезбедат услови и политика како што е прецизно напишано како нивна одговорност.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која е потпишана на предлог-законот, вели дека насилството мора да сопре, а законот токму за таа цел е направен, со конкретни и прецизни мерки, кои никогаш не постоеле кај нас.
– Тука отсекогаш имало, и ќе има насилство врз жената, ако не преземеме ништо како држава. Тепа цела Македонија, тепаат интелектуалци, учени луѓе. Тепаат во мое Пехчево, тепаат во Скопје, во Тетово… Мора да се стави крај на родово базираното и на семејното насилство, одлучна е Шахпаска.
За да нема префрлување на топката и да се оставаат жените-жртви на семејно насилство на милост и немилост на мажите што ги тепаат, законот точно ги прецизира постапките на полицијата, по пријава на родово базирано насилство. Кажува како да постапат социјалните центри, како амбулантите, болниците, ако жената претрпела физичко, психичко, сексуално и друго насилство.
Во случај на пријава на родово базирано насилство врз жени и семејно насилство полицискиот службеник итно треба да ја отстрани непосредната и сериозната опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и на членовите на нејзиното семејство. Кога ќе процени на местото дека постои висок ризик од непосредна и сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и на децата, ќе го лиши од слобода сторителот, согласно закон.
Полициски службеник треба да ја придружува жената до најблиската медицинска помош, или да ѝ биде во придружба додека ги пакува личните работи од заедничкиот дом со насилникот.
Со цел да запре и да му се стави крај на тепањето и на сите други форми на насилства врз жените и на семејното насилство, судот е должен без заседавање, експресно да му одреди мерка притвор на уапсениот насилник, а не како досега тој да биде оставен да го повторува кривичното дело со месеци и години.
Министерствата за труд и социјална политика, здравство, внатрешни работи и правда се носечката сила во спроведувањето на законот, но и Собранието, градоначалниците, општините, невладините организации и здруженија. Синдикатите ќе мора да прават истражувања за насилство врз жените на работните места, газдите на фирмите кои имаат повеќе од 10 вработени ќе мора да организираат обуки за родово базирано и семејно насилство.
Судовите и обвинителствата ќе мора да водат посебна статистика за семејно и за насилство врз жените. Законот под терминот „жена“ ги подразбира и девојчињата под 18 години.
Медиумите, наставниот кадар, Агенцијата за медиумски услуги, но и црквите и џамиите имаат обврска да промовираат политика против овој вид насилство и да не ја одобруваат.
Овој закон оди дотаму да ги казнува и верските заедници ако поддржуваат насилство врз жената.
Еден од владиците на МПЦ неодамна кажа: „Голем дел од браковите, за жал, се разведуваат заради горделивоста , заради тоа што секој сака да командува, заборавајќи на тоа дека глава на куќата е мажот, а жената е подвластена на мажот“.
Член 45 од законот ќе го забрани тоа, па вели: „Црквите, верските заедници и религиозните групи имаат обврска да се воздржат од изјави, соопштенија или објави со кои се оправдува насилството како резултат на религија, култура, традиција или обичај“.
Жртвата за првпат ќе има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание на сите лица кои согласно овој закон се обврзани да постапуваат на таков начин.
Жртвите на семејно насилство имаат право на надомест на материјална и нематеријална штета во согласност со закон.
Со законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се воведуваат специјализирани сервиси под невладини здруженија, кои ќе им пружат заштита на тепаните жени и на нивните деца под анонимност, под покровителство на Министерството за труд и социјала. Децата ќе продолжуваат да одат на училиште, но не од дома.
Насилниците за кои веднаш ќе има мерка притвор, ќе бидат судени не по овој, туку по Кривичниот законик. Но, тие според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, ќе мора да одат на задолжителен психолошки третман и одвикнување, што исто така за првпат се воведува кај нас.