[ВИДЕО] Јутјуберот Поповиќ затекна малолетници како кршат детско игралиште во скопски Аеродром: „Дај ми број од твоите, јави им се одма и ќе дојде полиција“

134

Јутјуберот Никола Поповиќ објави видео на кое се гледа како затекнува група малолетници кои оштетуваат лулашки и урбана опрема на детското игралиште „Патрик“, лоцирано зад „Три бисери“ во скопската општина Аеродром.

На снимката, која ја пренесе и „24часа.мк“, може јасно да се забележи веќе оштетен дел од реквизитите на игралиштето. Поповиќ веднаш реагирал и ги прашал присутните деца зошто ја уништуваат опремата, но тие негирале дека направиле каква било штета и одбивале дополнително да објаснуваат.

Дел од малолетниците се обиделе незабележливо да го напуштат местото, по што јутјуберот им се обратил со предупредување дека е повикана полиција и побарал да останат додека не пристигнат надлежните.

Во завршницата на видеото, Поповиќ им наложил на децата да ги повикаат своите родители и да ги информираат за случувањата.

Подоцна, преку серија објави на својот Инстаграм профил, тој откри дека ситуацијата дополнително се влошила, тврдејќи дека еден од родителите на малолетниците се обидел физички да го оттурне во присуство на полицијата.

Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Голем дел од корисниците изразија поддршка за постапката на Поповиќ и ја осудија, како што велат, сè почестата малолетничка деликвенција, додека други сметаат дека неговиот начин на комуникација со децата бил премногу агресивен и непримерен.

Коментарите под видеото се бројни:

„Локал патриотизам на дело. А, не Заветна и Бисер Балкански. Браво“, „Браво, сега родителите да платат отштета и цело лето овие тинејџери да го чистат цело Скопје“, „Вака се прави тоа, зинуваш одма кога гледаш дека нешто не е во ред и повикуваш надлежен“, Само така, друго решение нема“…