Паркингот кај Холидеј Ин престанува со работа

423

Одборот на Директори  на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката денеска одлучил паркингот Центар кај хотелот Холидеј Ин да престане со работа.

„Основната причина е новонастаната состојба поради која нашето АД е оневозможено да стопанисува со паркингот. Како што АДСДП веќе ја информира јавноста, најголем дел од просторот на паркингот кај хотелот Холидеј Ин е вратен на повеќе сопственици, меѓу кои е и МПЦ. Дел од нив, меѓу кои и МПЦ , истите ги отуѓија на приватен инвеститор, обезбедувајќи  повеќе од 30 % од вкупната  површина што според Законот за градба е  основа  за дооформување на целокупната урбанистичка парцела“, пишува во соопштението на АДСДП.

Оттаму информираат дека сите лица кои за користење на  услугите на паркингот имаат  извадено месечни или годишни карти, истите ќе можат да ги пренаменат за трите катни гаражи на АДСДП кои се исто така лоцирани во центарот на Скопје ( „Солунски Конгерс“, „Разловечко Востание“ и „Кресненско Востание“).

Граѓаните  треба да го запазат рокот на нивното издавање, односно тој не смее да биде  истечен. Вадењето на овие карти ќе биде на трошок на АДСДП.